Од денеска до 16 октомври, НАТО ќе распореди околу 200 припадници на новоформираните сојузнички сили за одговор (АРФ) на Западен Балкан, со цел да започнат со обука и да бидат подготвени да им помогнат на членовите на КФОР, јавува Нетпрес.
КФОР соопшти дека ова е првпат да се распоредат припадници на АРФ по формирањето на таа формација во јули годинава, а се додава дека ќе бидат распоредени 50 членови на Оперативниот тим за врски и извидување во рамките на АРФ во Косово, додека останатите ќе бидат распоредени во Македонија.
„Распоредениот персонал ќе се обучи за одржување на високо ниво на подготвеност и тестирање на вештини и процедури за брзо распоредување. Еден дел од администрацијата на АРФ привремено ќе биде интегриран во командната структура на мисијата на КФОР, со задача да ги утврди логистичките, инфраструктурните и оперативните потреби на КФОР, што треба да претставува значително зајакнување на состојбата на КФОР“, се наведува во соопштението.
Се додава дека АРФ е „стратешка, високо подготвена сила подготвена за делување на многу области“ и дека се во состојба да се распореди во многу краток временски период.