Бојан Ѓорѓиов од Чашка е дипломиран одделенски наставник, магистер по Менаџмент во образование, работи како наставник, а земјоделството како гранка го научил и простудирал од неговите родители.

„Произведуваме расад пипер и домати веќе 30 години, па така како мал покрај нив се што сум гледал сум го запамтил, работиме исклучиво со проверени хибридни семиња. Со цвеќе ова ни е 4 година како произведуваме и тоа пролетно саксиско цвеќе. Семиња набавуваме исклучиво по нарачка.“, вели Бојан, кој ни откри за кое цвеќе има најголем интерес.

„Од цвеќето особен интерес има за сурфинијата која е од групата на петунии лазачки кои достигнуваат должина од 2 метри, исклучително богата и раскошна која е украс за сите тераси и дворови. Исто така имаме сардели лазачки со дупли цвет, зонална – старска и калиопа црвена полулазачка. Далијата или позната помеѓу луѓето како ѓурчин мини е исто така доста барана бидејќи има компир кој може да се зачува преку зима за наредна година, Фуксијата или обетка ја имаме во две бои бела и црвена дупли цвет во форма на балерина – повеќегодишно растение. Џунџуле мини со крупен цвет, петунија тритунија ниска шарена и еднобојна со крупен цвет и вербената лазачка и полулазачка се оние кои се движат со стандардна цена и доста барани и се трошат или што би рекол јас или купувачите 3 за 100 денари.

Калибрахоата или позната како 1001 цвет исто така од групата на петунии се троши прилично и е убава за сечиј двор.“

Продажбата на расад пипер на Бојан и неговото семејство им го олеснува пласманот на цвеќињата.

„Околу пласманот на самото цвеќе олеснителна работа ни е тоа што си имаме постојани муштерии за расад пипер па покрај пиперот си купуваат и по некоја саксија цвеќе, другото го продаваме по пазари и слично, тешко е, меѓутоа едноставно веќе кога си се нашол тука и си се нафатил, мора да дадеш се од себе“, вели Бојан.

Го прашавме Бојан дали одгледувањето цвеќиња е исплатливо како бизнис.

„Дали е исплатливо како бизнис, би рекол не премногу, затоа што и пред 5 и пред 10 години истите цени се на цвеќињата кои ги набројав 3 за 100, а лани и оваа година семињата се покачени за 100%, саксиите оваа година достигнаа дупла цена од ланската, а цената на цвеќето остана иста, така што некако се вртиме во круг, но би ја потврдил онаа старата изрека ,,Џабе работи ама џабе не седи. Од програмите и мерките кои ги нуди нашата држава за модернизација и проширување досега не сме искористиле, но секако тоа е тема за размислување за иднина.“, искрен е Бојан.

Го замоливме Бојан да сподели неколку совети околу одгледувањето цвеќиња и да ни открие кои цвеќиња сакаат повеќе сонце, а кои можат да напредуваат и под сенка.

„Сурфинијата и калибрахоата – 1001 цвет како цвеќиња се најиздржливи на сонце, но исто толку бараат и нега за да бидат убави. Може да успева и ако половина ден е директно на сонце, а половина ден под сенка. Сурфиниите треба да се третираат со препарати за заштита преку лист, како и преку корен. После ѓубривата по седум дена се додава и железо.

Сарделите сите 3 вида: лазечка, калиопа и зонална не бараат голема нега и заштита, а успеваат и на сонце и под сенка
Она на што купувачите треба да обрнат внимание е растението што го купуваат да има убав коренов систем и богата лисна маса за да може да опстане цело лето. Важен е добар и здрав корен, добра лисна маса, добро стебло, цвеќето ќе издржи цело лето и ќе биде полно со цвет. Имаме климатски изменето време. Без заштита, без препарати, не опстануваат. Таква е климата, времето се измени, мора да има заштита, за да бидеме задоволни и од цвеќето и од зеленчукот. И за сите цвеќиња важи истото, колку повеќе ставате прихрана, толку цвеќињата ќе бидат поубави.“, објасни Бојан.

Превземено од Агротим.мк