Атанас Величков
Мицко војвода најави блокади во главниот град и во уште десет градови во земјата. Ќе бара обелоденување на „бугарскиот“ патоказ преку висење на раскрсница. Каква симболика само…
Патот на Мицкоски одамна е одреден. Раскрсницата во случајот е само за фрлање прав во очите на членството. Излегуваат, блокираат, ги пцујат заглавените во сообраќајниот метеж луѓе, чии измачени лица прекрасно ја покажуваат целата безизлезност на нашата земја. Тие го знаат својот пат, но стојат во место, бидејќи едни двајца мангупи решиле да си играат големи патриоти, нормално користејќи ја најудобната тема за тоа, а имено Бугарија.
Бугарија не е Грција нели? Бугарија ќе попушти, ќе ѝ го одземат правото на вето, ќе ѝ направат „шарена револуција“ и слични глупости. Добриот и лошиот полицаец во нашиот евтин акционен филм знаат прекрасно дека немаат корисен потег, освен оној да цвикаат како заглавен во стапица стаорец. Конечно и тие се најдоа во ситуација да осетат што е тоа безизлезност, нешто со што секој ден се среќаваат нивните обични сограѓани, кои не добиваат пари од буџет, не фаќаат хемороиди во скапи фотелји и што е најважно не можат да калкулираат со своето ништоправење за да добијат некаква привилегија плус. За тоа е одговорна токму непопустливоста на Бугарија и баш заради тоа, мораме да им кажеме на оние 85 % Бугари, кои ја поддржуваат Рамковната позиција на бугарската Влада и Декларацијата на бугарскиот парламент од октомври 2019 г. едно големо БЛАГОДАРАМ.
Ги гледате ли колку се ништожни. Се обвинуваат еден друг за кршењето на националните интереси, а во суштина делуваат прекрасно како добро уигран тим. И едниот и другиот преку „своите“ медиуми ја пумпаат атмосферата на омраза кон Бугарија, сакајќи да се прикажат себе си како големи патриоти. Смешно е. И двајцата имаат милион можности и пред се лостови за влијание да направат нешто корисно за луѓето чии интереси божемски ги штитат. Но не го прават тоа. Бидејќи немаат потреба. Стратегиjaта е повеќе од проѕирна. Доволно е да се плука по Бугарија. Доволно е медиумите да го бомбардираат етерот со антибугарски содржини. Нивните медиуми, оти да не се лажеме речиси сите медиуми се нивни.
Од попладне Мицко војвода како што самиот најави, секој ден по два часа, баш кога се случуваат најголемите гужви ќе виси по раскрсници. Бара да му го покажат патоказот, оти од високи дипломатски извори дознал дека во истиот тој патоказ наводно се оспорувале милениумските македонски идентитет и јазик. Не дека ќе му го покажат, ама важно е да се работи нешто. Да се покаже некаква активност. Нацртано како за пред избори. Избори на кои со секој изминат циклус гласаат се помалку луѓе. Токму безизлезноста ги тера нормалните луѓе во земјата, да гледаат на изборите како на една непотребна и скапа операција која има за цел само да му даде легитимитет на Мурто, којшто запнал да го менува Курто.
Многу солзи и попуштени вени од висење пред европските порти и локалните раскрсници ќе видиме во иднина.
Македонската раскрсница навистина е блокирана, но не од денеска или од вчера. Таа е блокирана уште од времето кога некој си замислил дека Македонија може да функционира како независна земја со товарот од поранешната СФРЈ. Тоа е невозможно. Тоа го знаат сите „паметни“ глави што ги гледате на телевизија и им ги читате писанијата, и на кои одеднаш им текна дека Бугарите ни биле браќа и не било братски да го блокираат нашиот пат кон влез во ЕУ, којшто бил единствениот начин Македонија да заличи на нормална земја. Сите тие „паметни“ глави бараат алиби за своето соучество во најголемата лага, а имено дека некој од надвор може да нè европеизира, додека си се надлажуваме дека вината за тонењето на Македонија секогаш е на друго место, а не во сите влади од 1991 г. до денеска.
Денеска е 8 јуни, на денешен ден пред 75 години во пресметка со припадници на бугарските комунистички безбедносни служби во Софија се самоубива Кирил Дрангов, голем борец за независима Македонија, син на полковник Борис Дрангов. Бугарин по род и Македонец по судбина.
На 8 септември годинава РС Македонија ќе прослави 30 години независност. Независност искована од внуците на идеолошките непријатели на Дрангови. Независност преполна со блокирани раскрсници на кои виси како мисир, сонот за нормалност. Виси со лудата упорност на глувиот што лупа во тапанот на нашата заедничка безизлезност.