Алдина Јахиќ, жртва на фемицид во Босна и Херцеговина, беше погребана денес во нејзината родна Калесија. Нејзините сограѓани се простија од неа, а родителите Ибрахим и Мевлида Јахиќ ја објавија својата емотивна порака во која се збогуваа со убиената ќерка.

Во нивната објава стои:

„Останавме без дете, без нашата Алдина, нашата гордост.

Нашата болка, нашата тага и раните во нашите срца никогаш нема да поминат. Ја ублажуваат стотиците пораки со сочувство и поддршка што ги добиваме од нашата родбина, пријатели, но и од луѓе од цела Босна и Херцеговина и целиот регион.

Тие пораки, како и сè што за Алдина овие неколку дена го кажаа нејзините пријатели, колеги, познаници, професори и сите што на кој било начин биле во контакт со неа, а зборуваат само најубави можни зборови, ни даваат сила да издржиме. Свесни бевме дека имаме прекрасно дете. Добродушно, вредно, воспитано, образовано, кое никогаш никому не би направило ништо лошо. Но кога толку многу луѓе ќе потврдат дека тоа не е само наше родителско мислење, туку дека нашето дете навистина било такво, тоа нè прави повторно горди“, рекоа Ибрахим и Мевлида.

Родителите додаваат:

„Верници сме, веруваме во Бога и го прифаќаме Неговото определување и искушенија. Сега поминуваме низ искушение што никому на светот не би му го посакале. Нашата Алдина ја нема повеќе. Детето ни го уби насилник и злосторник. Искрено веруваме во Божјата правда и Неговите зборови дека ‘оној што ќе убие недолжен човек… како да ги убил сите луѓе’. Го молиме Бог да го казни убиецот онака како што заслужил. Во ахиретската правда се надеваме, но бараме правда и на овој свет. Таа правда ја бараме од правосудните институции. Единствената правда која ќе ни биде некаква сатисфакција е изрекување на најстрога, законски можна казна за злосторникот. Сè поинаку ќе биде неправда на која нема да прифатиме.“

Според нив, максималната казна мора да биде изречена — не само заради нивната ќерка, туку и како предупредување за потенцијалните насилници.

„Ако тоа придонесе да се спаси живот барем на една девојка или жена, казната ќе има смисла. Ова ќе биде нашето единствено јавно обраќање и нема да одговараме на поединечни медиумски прашања. Ги молиме сите медиуми да покажат разбирање за нашата болка и тагa. Уште еднаш им се заблагодаруваме на сите за поддршката, а особено на пријателите од Тузла, Орашје, Сараево, Бања Лука, Мостар, Белград, Македонија и Чешка. Го молиме Милостивиот Аллах да и подари џенет на нашата Алдина“, заклучија родителите на убиената Алдина, пренесе „Радио Сараево“.

За убиството на 32-годишната Алдина осомничено е нејзиното поранешно момче.

Текстот „Нашата Алдина никој не може да ја врати“ – семејството бара правда по фемицидот во БиХ е превземен од МАКФАКС.