По објавата на случајот за 11-годишната ученичка со Даунов синдром, Ембла Адеми од Гостивар, која не била прифатена од родителите на учениците од класот и наставата ја следела во посебна просторија, Народниот правобранител по сопствена иницијатива формира предмет и испрати тим во училиштето за да го испита случајот.
Како што се наведува во соопштението на Народниот правобранител, случајот со Ембла покажува голема незрелост на општеството, кое ни оддалеку не е подготвено во пракса да ја имплементира домашната и меѓународната регулатива која се однесува на инклузивноста на овие лица во секојдневниот живот.
Според Народниот правобранител, недозволиво е овие ученици да бидат жртва на непоготвеноста на поединци да ги прифатат различните и да им биде отежнат пристапот до образовниот процес, кој со Устав и со закон им е гарантиран на сите подеднакво, без елементи на каква било дискриминација.
Народниот правобранител ги охрабрува родителите за ваквите случаи да не молчат, туку да се обратат до институциите, со цел навремена заштита на правата на нивните деца гарантирани со законите.