Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во интервју за регионалната телевизија „Њузмакс Балканс“ најави дека се подготвуваат нови мерки за обезбедување поповолни услови за кредитирање на станови наменети за живеење, особено при прво купување. Целта е да се поттикне станбеното кредитирање за решавање на станбеното прашање, пред сè кај младите, во услови на постојан раст на цените на недвижнините.

„Најважната цел што ја поставивме, во согласност со мандатот на централната банка и општествениот интерес, е да најдеме начин како да го поттикнеме или олесниме кредитирањето за прво живеалиште, кое ќе се користи за реално живеење. Ова е особено важно затоа што една третина од постојниот станбен фонд во земјата стои празен,“ истакна Славески. Тој појасни дека новите мерки ќе прават разлика меѓу кредитите за прво живеалиште и оние за инвестиции или шпекулативни цели, со цел да се помогне на граѓаните кои навистина имаат потреба од сопствен дом.

Анализите на Народната банка покажуваат дека половина од прометот со станови се реализира со готовински плаќања, што врши притисок врз побарувачката и дополнително ги зголемува цените. Затоа, во соработка со банките, ќе се разгледаат и предложат мерки, при што ќе се внимава на стабилноста на банкарскиот сектор.

Славески додаде дека предлозите ќе бидат доставени до банките за консултации, со очекување дека ќе придонесат за полесен пристап до финансии за младите брачни парови и сите граѓани кои сакаат да го решат своето станбено прашање.