Раст на бруто-домашниот производ од 3,9 отсто годинава и наредната година и 4 отсто во 2023, предвидува Народната банка во најновите макроекономски проекции. Инфлацијата за годинава е проектирана за 2,2 отсто годинава, што е зголемување во однос на претходната проекција, што изнесуваше 1,5 отсто.
-Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во 2021 година се очекува раст на економската активност од 3,9 отсто што претставува непроменета проекција во однос на октомври. Во 2022 година ќе продолжи закрепнувањето на економијата со раст од 3,9 проценти (мала нагорна корекција во однос на октомври), а во 2023 година со иста очекувана стапка како во октомври, од 4 отсто, информира на денеска на прес-конференција гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска Бежоска.
Таа појасни дека од аспект на структурата на растот, не се направени позначајни промени, така што и во овој циклус на проекции се очекува растот на БДП, оваа и следната година да произлезе од домашната побарувачка, додека нето-извозот да има негативен придонес.
Според гувернерката, кај стапката на инфлација е направена умерена нагорна ревизија за 2021 година во однос на октомвриските проекции, при што тековно се оценува дека таа ќе изнесува 2,2 проценти, за разлика од 1,5 проценти во претходната проекција при нагорни корекции кај надворешните влезни претпоставки во делот на цените на нафтата и храната. За 2022 и 2023 година и натаму се очекува дека стапката на инфлација ќе се движи околу 2 отсто.
Во врска со идните движења во надворешниот сектор, тие, според Народната банка, укажуваат на стеснување на дефицитот во тековната сметка до 2,9 отсто од БДП во 2021 година, што, како што појаснуваат во најголем дел се должи на подобрите очекувања кај дознаките, при постепено намалување на негативните ефекти од пандемијата во текот на годината.
Намалувањето се очекува да продолжи и во наредните две години, со што во наредниот двегодишен период (2022-2023 година) дефицитот во тековната сметка ќе изнесува во просек околу 2,1 отсто од БДП. Во целиот период на проекцијата се очекува дека девизните резерви ќе се задржат на соодветно ниво.