„При едно неодамнешно заловување, во текот на само еден ден, по женка во циклус, од шест заловени кучиња од страна на ЈП Лајка, дури пет биле со сопственик. Сопствениците дошле да ги подигнат од стационарот. Овој податок е алармантен и укажува на клучен аспект од каде извира проблемот, истакнуваат од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“.

Овој пример, како што велат, не значи дека тоа е единствениот извор на проблемот, туку претставува јасен доказ „во мало“, видлив во пракса.

Според нив, неодговорното сопствеништво, заедно со појави како дислокација на кучиња и континуиран прилив на животни од различни страни, суштински ја нарушуваат програмата и создаваат состојба во која станува речиси невозможно ефикасно да се контролира и сузбие.

„Наместо постепено намалување на бројот на бездомни кучиња, овие фактори постојано го обновуваат и продлабочуваат проблемот, поништувајќи ги напорите на институциите и службите на терен.

Додека ЈП Лајка троши ресурси за заловување, стерилизација и згрижување, паралелно се создава нова генерација кучиња што повторно ќе завршат на улица – слободно пуштени, репродуктивно способни и оставени без надзор. Без санкции, без контрола и без лична одговорност, системот ги третира само последиците, но не и причините за проблемот.

Истовремено, во последните 4,5 месеци сe почесто сведочиме на дислокација на кучиња- префрлање од една општина во друга, организирано префрлање на топката наместо вистинско решавање. Таквите дејствија, кои ги сметаме за координирани, дополнително ја продлабочуваат кризата и покажуваат дека, покрај неодговорното сопствеништво, постои и сериозен проблем со организирано исфрлање животни на туѓа територија, со фокус на град Скопје“.

Фактот,мкако што додаваат, дека пет од шест заловени кучиња имаат сопственик е директен доказ дека проблемот не може да се реши без строга законска регулација.

Од „Анима Мунди“ посочуваат дека се потребни сериозни, неизбежни и доследно применувани казни за неконтролиран расплод, за пуштање кучиња без надзор и за напуштање животни.

Предлагаат и бараат, напуштањето миленик да стане кривично дело.

„Во повеќе европски држави напуштањето животно се третира како кривично дело со можност за високи парични казни и затворска санкција (Хрватска, Франција, Португалија). Со тоа државата јасно порачува дека оставањето миленик на улица не е „лична одлука“, туку општествено штетно и казниво дејствие. Напуштеното животно е неодговорност што има директни последици врз јавната безбедност, буџетите на општините и благосостојбата на животните.

Иницијативата за криминализација на исфрлањето миленик на улица, вклучително и оставање мали кучиња, електронски ја имаме доставено до Министерство за правда Министерство за внатрешни работи, Владата на РМ и Агенција за храна и ветеринарство“.

Очекуваат институционален одговор и конкретни законски измени, како и што поскора измена на Законот за заштита и благосостојба на животните кој е во процедура.

Животните, посочуваат од здружението, не се виновни што се на улица.

„Не е решение да се убиваат животните. Решението е да се спречи создавањето нови напуштени животни – а тоа може да се постигне само ако одговорноста стане реална, лична и најстрого санкционирана.

Ако сакаме системско решение, системот мора да се промени. Законот мора да го спречи проблемот пред да се појави и оневозможи неодговорност без последици. Затоа што систем што толерира напуштање создава страдање. А само систем што казнува неодговорност, може да создаде ред“.

Текстот Напуштањето миленик да стане кривично дело, пет од шест заловени кучиња имаат сопственик, велат од „Анима Мунди“ е превземен од МАКФАКС.