Кромидот е составен дел од речиси секое јадење. Еднакво е убав свеж и зготвен. Добро е да се јаде поради витамините и минералите што ги содржи, а ако сакате да си направите резерви кои можете подолго време да ги користите, тогаш пробајте да го исушите.

Постапката е лесна, додека ги почитувате основните чекори. Прво набавете поголема количина, затоа што при сушење се намалува на половина. Измијте го, и исчистете го, па исечете го на парчиња како за готвење. Изберете плех со соодветна големина, прекријте го со хартија за печење, за да може да ја впива влагата и да не се лепи кромидот за плехот. Ставете го кромидот и потоа во рерна на ниска температура до 60-70 степени сушете го. Вратата од рерната треба да биде подотворена за да излегува вишокот влага.

Повремено проверувајте го и кога ќе почне да се одлепува од хартијата, почнете со периодично мешање. Тоа се прави додека кромидот не се исуши целосно. Но, внимавајте да не ви прегори.

Потоа ставете го да се излади целосно пред да го соберете, затоа што ако е топол, ќе се навлажни во садовите. Чувајте го во добро затворени кутии. При готвење задолжително натопете го во вода да се хидрира. И водете сметка за количината, затоа што една главица свеж кромид е еднаква на една лажица сушен.