По вчерашните досега најмногу починати во едно деноноќие , 50 мртви од компликации со Ковид 19 , министерот за здравство, Венко Филипче вели дека има многу пациенти кои се во тешка состојба и се лекуваат согласно стандардите, но за жал има и такви тешки случаи со клинички слики какви што досега не виделе ниту лекарите.
„За жал, имаме и сега, и денеска, многу пациенти кои се во тешка состојба. Покрај преземените мерки, за жал, кај некои од пациентите лекувањето нема ефект, има клиничка слика, манифестација, каква што навистина досега дел од колегите, посебно експертите од областа на пулмологијата и инфективната медицина, не виделе“, посочи Венко Филипче.
И натаму состојбата во ковид-центрите е сериозна , каде што се сместени над 1700 пациенти, но според здравство има околу 230 празни кревети.
Но и покрај тоа што вакцините „спутник“ стигна пред два дена, масовната вакцинација во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе почне од понеделник. Министерството наместо вакцинација денеска организираше симулација, за да се види како ќе тече процесот со цел да се минимизираат проблемите кои би се појавиле.
„Многу е важно системот добро да се постави за кога ќе профункционира да нема хаотични ситуации. Затоа ја правиме денешната координација, а изминатите денови се завршија постапките во МАЛМЕД. Важно е добро да се постави системот за кога ќе тргне проблемите да се минимизираат“, додава Венко Филипче.
И додека здравствените власти се подготвуваат за масовната вакцинација, повторно протест пред здравство.Опозициската ВМРО ДПМНЕ со едноминутно молчење им одадоа почит на 3.860 починати од кои само 50 беа вчера.
„Собрани сме денес овде по трет пат пред оваа зграда позади мене која има назив Министертво за здравство и за жал неа ја раководи министер за мото трки“, порача Дафина Стојановска.
Од понеделник во салата „Борис Трајковски“ ќе се вакцинираат по 3.000 лица. Ќе работат 25 медицински сестри и 5 доктори. Филипче најави дека за кратко време ќе се зголемува бројката и дневно ќе се вакцинираат по 7.000 граѓани. Со донацијата од Србија на 20 илјади вакцини „спутник“ ќе се вакцинираат полицијата , војската, новинари, обвинители , судии , возачите во ЈСП , пожарникари, воспитувачки во градинките и вработените на патарините.