Британските научници денеска почнаа истражување со кое поранешни пациенти заболени од Ковид-19 повторно ќе бидат изложени на коронавирус за да го испитаат имунолошкиот одговор и да видат дали луѓето ќе бидат повторно инфицирани, јави весникот Гардијан.
Испитувањето врз луѓето вклучува инфицирање на учесниците, што ќе се изврши на контролиран начин. Истражувањето ќе помогне и во борбата против болестите како маларија, туберкулоза и гонореја.
Првиот тест со луѓе за Ковид-19 почна оваа година, а истражувањето е предводено од истражувачи од Кралскиот колеџ во Лондон. Првично беше проучена инфекцијата на луѓе со најмало количество вируси потребни за да се предизвика инфекција. Учесниците претходно немале вирус.
Истражувачите од Универзитетот Оксфорд сега објавија дека добиле етичко одобрување да спроведат ново испитување со луѓе кои имале коронавирус. Регрутирањето на волонтерите се очекува да почне во следните неколку недели.
Целта на истражувањето е да се утврди имунолошкиот одговор што ќе спречи повторна инфекција. Тимот ќе ги измери нивоата на различните компоненти на имунолошкиот одговор на учесниците, вклучувајќи ги Т-клетките и антителата, а потоа ќе следи дали учесниците повторно се инфицираат кога се изложени на вирусот.
Учесnиците мора да бидат здрави, со мал ризик од Ковид-19, на возраст меѓу 18 и 30 години. Инфекцијата со коронавирус мора да се случила три месеци пред да се вклучат во истражувањето. Сите требало да имаат позитивен ПЦР тест за коронавирус. Тие, исто така, мора да имаат изградени антитела.
Во првата фаза од испитувањето ќе учествуваат 24 учесници, кои ќе бидат поделени во групи од три до осум лица, кои преку носот ќе ја примат првата инфекција со коронавирус. Идејата е да се започне со многу мала доза и да се зголеми доколку е потребно.
Целта е 50 отсто од учесниците да бидат заразени, но во многу лесна форма на болеста.
Втората фаза, што се очекува да почне летово, ќе вклучи нова група учесници и ќе го испита имунолошкиот одговор пред и по изложеноста на вирусот, како и нивото на вирусот и какви симптоми имаат повторно инфицираните.
Доколку се потврди повторна инфекција или се појават симптоми во која било фаза, учесниците ќе добијат третман со моноклонални антитела. Учесниците ќе добијат околу 5.000 фунти за целото истражување и секој волонтер ќе треба да се изолира најмалку 17 дена за време на тестирањето.
Тимот верува дека истражувањето не само што може да открие кое ниво на различни аспекти на имунолошкиот одговор е потребно за да се спречи повторната инфекција, туку, исто така, ќе го расветли времетраењето на заштитата и ќе помогне во развојот на третмани и вакцини.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.