Центарот за граѓански комуникации го објави редовното годишно рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност, односно според проактивното објавување информации од јавен карактер, во кое се вклучени 102 институции, односно Владата и сите министерства и општини.
„Индексот ги покажува следниве клучни аспекти: Просечната активна транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2025 година изнесува 80 % (од максимално можни 100 %), исто колку што изнесуваше и минатата година.
Активната транспарентност на министерствата и Владата е намалена во однос на лани и изнесува 84 % (лани 86 %).
Општините го задржаа истото ниво на активна транспарентност како и лани, односно 79 %“, е нагласено во извештајот.
Според наведеното, дури 44 % од опфатените институции ја влошиле својата активна транспарентност (лани се влошиле 19 % од институциите).
„Министерството за одбрана, петта година по ред ги задржа максималните 100 % активна транспарентност, а резултатот од 100 % годинава го освои и новоформираното Министерство за дигитална трансформација.
Кај општините, за разлика од лани кога дури пет општини го делеа првото место со 100 % активна транспарентност, годинава на ова место се задржаа само две – Кавадарци и Кичево.
Меѓу регионите, трета година по ред на првото место се наоѓа Источниот Регион (со иста активна транспарентност како и лани од 88 %).
На последно место, со намалена активна транспарентност во однос на лани се наоѓа Полошкиот Регион (со 71 % активна транспарентност, лани 73 %).
Најмалку информации, според центарот, и министерствата и општините објавуваат за финансиите (министерствата 58 %, а општините 59 % од можни 100 %).
Огромно уназадување, како што велат од таму, има кај одговорите по барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер, што им беа испратени на сите институции во ист ден и со исто прашање.
„Општините одговорија во просек за 21 ден (лани за 15 дена), а министерствата одговорија за 23 дена (лани за 14 дена). Инаку, крајниот законски рок е 20 дена.
Само 54 % од институциите одговорија во рамките на максималниот законскиот рок од 20 дена (лани тоа го сторија 71 % од институциите)“.