Најмалку осум Палестинци се повредени во денешниот судир со израелските војници во селото Бурка, Западен Брег. Судирот се случи додека илјадници Израелци маршираа кон разурнатата населба Хомеш, барајќи од Владата обновување на истата.
Палестинците протестираа бидејќи армијата ги затвори патиштата за да овозможи минување на Израелци , предводени од доселениците, иако не беше одобрен маршот. Палестинците запалија автомобилски гуми и фрлаа камења врз војниците, кои возвратија со гумени куршуми и солзавец.
Неколку илјади Израелци, меѓу кои и голем број на деца маршираа речиси два километра до разурнатата нелегална населба Хомеш, каде беше организирана прослава, на која присуствуваа националистички политичари и рабини.
Населбата Хомеш беше изградена на приватно палестинско земјиште и е урната во 2005 година. Оттогаш, еврејските доселеници организираа неколку маршеви и митинзи и се обидоа да ја обноват населбата, кршејќи ги израелските закони и воените наредби.
Израел го освои Западниот Брег во Шестдневната војна во 1967 година, а потоа со децении градеше еврејски населби. Во Западен Брег денес живеат околу трите милиони Палестинци и над милион Израелци.
Инаку, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска му кажал на својот израелски колега Исак Херцог дека е „многу вознемирен“ поради повредените и убиени Палестинци на Западниот Брег и во џамијата Ал Акса за време на светиот месец Рамазан.
Ердоган на Твитер напиша дека двајцата телефонски разговарале за неодамнешните настани предизвикани од „некои радикални израелски групи и безбедносните сили“, пренесуваат британските медиуми.
Израелските безбедносни сили во петокот рано утрината влегоа во комплексот на џамијата Ал Акса во Ерусалим, во кој илјадници Палестинци се собраа на молитва за време на светиот месец Рамазан, што доведе до судири во кои, според палестинските здравствени служби и израелската полиција, беа повредени најмалку 152 Палестинци и тројца израелски полицајци.