Лидерите од Групата седум индустриски развиени демократии (Г7) кои ќе се соберат на дводневен самит на германските Алпи на 26 јуни најавија дека ќе објават забрана за нов увоз на руско злато за да ги засилат санкциите, соопштија британските и американските власти.

Богатите Руси неодамна купуваа златни шипки за да го ублажат осилото на меѓународните финансиски казни што беа воведени откако руските трупи ја нападнаа Украина на 24 февруари, се вели во соопштението на британската влада.

„Мерките што ги објавивме денеска директно ќе ги погодат руските олигарси и ќе удрат во срцето на воената машина на рускиот претседател Владимир Путин“, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.

Лондон соопшти дека извозот на руско злато изнесувал повеќе од 15 милијарди долари минатата година.

Забраната треба да биде објавена на 27 јуни, брзо ќе стапи на сила и ќе се однесува на ново ископуваното или рафинирано злато, соопштија властите.
Американскиот претседател Џо Бајден преку Твитер рече дека забраната за злато претставува дополнителни „невидени трошоци за Путин да му ги ускрати приходите што му се потребни за финансирање на неговата војна против Украина“.

Бајден го нарече златото „голем извоз кој за Русија носи десетици милијарди долари“.

Санкциите за руските енергенси имаа непожелен ефект – зголемување на цените на енергијата, што доведе до тоа Русија да заработи повеќе од извозот, и покрај падот. На самитот ќе присуствуваат лидерите на САД, Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Канада и Јапонија.

Лидерите на Г7 ќе се состанат почнувајќи на 26 јуни во замокот на германските Алпи, а самитот на НАТО ќе следи на 29 јуни во Мадрид.