Пристапи до геопортаолот на нашата Национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) лани имало од девет други држави, а вкупно се регистрирани 11 285 корисници. Натамошниот развој на НИПП ќе биде насочен кон креирање метаподатоци, изработка на веб-сервиси за преглед на податоците и нивно публикување на националниот геопортал и создавање технички предуслови за негово непречено функционирање. Годинава ќе почне и изработката на новата стратегија за НИПП за периодот 2023-2025 година, како и македонски НИПП бизнис модел. Ќе се работи и на подигнување на јавната свест и разбирање на визијата, концептите и придобивките од НИПП.
Агенцијата за катастар на недвижности и годинава поради пандемијата го одбележува Денот на Националната инфраструктура на просторните податоци во Република Северна Македонија – 24 февруари, со онлајн конференција. Оценката на учесниците е дека податоците и услугите од националниот геопортал особено во тековната ковид пандемија одиграа клучна улога обезбедувајќи он-лајн преземање на сите податоци без остварување физички контакти.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој е и претседател на Советот на НИПП во видео обраќање информираше дека шест институции треба да изработат 12 нови метаподатоци и да креираат 11 нови веб сервиси за надградба на Националната инфраструктура на просторни податоци.
Битиќи оцени дека Националната инфраструктура на просторни податоци бележи мали, но значајни чекори во нејзиниот развој со кои се доближува до европската инфраструктура. Потенцираше дека годишната програма за 2022 година, на која Советот даде позитивно мислење, иако ќе се финансира со средства во помал обем во однос на претходната, е значајна за остварување на континуитетот на почнатите активности.
– Фокусот на НИПП во 2022 година ќе биде насочен кон подигнување на јавната свест и разбирање на визијата, концептите и придобивките од НИПП, креирањето метаподатоци, изработката на веб-сервисите за преглед на податоците и нивно публикување на националниот геопортал, како и кон создавање на технички предуслови за непречено функционирање на геопорталот, рече Битиќи.
Во реализација на програмата ќе учествуваат министерствата за животна средина и просторно планирање, и за внатрешни работи, Агенцијата за катастар на недвижности, Државниот завод за статистика, Агенцијата за планирање на просторот и Геолошкиот завод на Република Северна Македонија кои треба да изработат 12 нови метаподатоци и да креираат 11 нови веб сервиси. Националниот геопортал сега содржи 184 метаподатоци, 77 услуги и 107 датасетови.
Директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Борис Тунџев укажа дека Катастарот постојано вложува човечки ресурси и финансиски средста кои обезбедуваат постојано одржување и пристапување до НИПП геопорталот. За тоа, како што рече, говорат постигнатите резултати во оваа област изминатата година. Има 11.285 корисници на НИПП геопорталот, регистрирани се 51.759 кликови, 46 електронски нарачки од корисници преку е-комерц услугата, 22 нарачки од страна на министерствата.
По однос на пристапите на геопорталот, статистиката говори дека 84 проценти од нив се од државава, по два проценти се од Швајцарија и Германија, а по еден процент од Србија, Косово, Италија, Австралија, Америка, а по 0,5 проценти од Хрватска и Словенија. По однос на оперативните ситеми на уредите од кои е реализиран пристапот, 55 проценти од нив имаат windows, додека 33 проценти се на андроид, а со помал процент се застапени другите оперативни системи. Најмасовно за пристапување кон НИПП геопорталот е користен пребарувачот хром со 75 проценти застапеност, додека пребарувачите ејџ, мозила и сафари имаат застапеност од пет до 10 проценти.
Како што најави Тунџев, Катастарот годинава планира да почне со изработка на нова стратегија за НИПП за периодот 2023-2025 година. Фокусот на стратегијата ќе биде насочен кон развивање на НИПП бизнис моделот кој треба да предложи начин на финансиска одржливост на податоците и услугите, како и нови механизми за зголемување на бројот на податоци и искористеност на веб сервиси. Новата стратегија треба да содржи иницијативи кои ќе ја поттикнат равномерната активација на сите учесници во НИПП преку разни форми на делување поединечно прилагодени кон секој субјект, информираше Тунџев.
Конференцијата по повод Денот на НИПП се одвиваше во две сесии: „Геопросторните податоци како дел од НИПП“ и „Искуства од имплементација на НИПП проекти“. Во тек на првата сесија за Геодетските референтни системи говореше професорот од Градежниот факултет Скопје Златко Србиноски, а на темата „Третманот на географските имиња во географијата и картографијата“ професор Благоја Маркоски од Природно-математичкиот факултет во Скопје. За Дисеменициските продукти од Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година се осврна Горан Каранџиски од Државниот завод за статистика, а Дејвид Боман од Шведскиот катастар – Лантматериет го претстави шведскиот пример за бизнис модел во рамки на соработката на Шведскиот катастар.
На сесијата за искуствата од имплементација на НИПП проекти, пак, беа претставени актуелниот статус на ИНСПИРЕ – директивата која има за цел да создаде инфраструктура на просторни податоци на Европската унија, потоа застапеноста на НИПП во Студиската програма по геодезија, Холандското искуство за македонските субјекти, ГИС сервисите во Центарот за управување со кризи, како и Уредбата за мрежни услуги во Агенцијата за катастар на недвижности.
Националната инфраструктура на просторни податоци опфаќа метаподатоци, збирки на просторни податоци и услуги за простoрни податоци, технологија, договори за размена, пристап и користење, механизми, процеси и постапки за координација и следење. НИПП гео-порталот содржи повеќе компоненти, како што се апликација за пребарување, каталог на метаподатоци со алатка за креирање на мета-податоци, апликација за прегледување на мапи односно ГИС прегледник, регистри, административен модул и основен модул за е-комерцијални услуги.
Членки во националната инфраструктура на просторни податоци се 20 институции, а активностите ги координира Агенцијата за катастар на недвижности.