Во катедралата Свети Стефан во центарот на Виена, ноќта пред Велигден, ќе блесне скала насочена кон небото. Инсталацијата „Небесна скала“, е дело на уметницата Били Танер, и ќе биде симболика на спуштањето на Земјата и вознесението на небото, на вера, љубов и надеж.
Светлосната скала ќе се протега над крстилницата на катедралата, низ сводот, сè до самиот врв на јужната кула, а тоа е засновано на библиската приказна за Јаков, од Стариот завет, како што соопшти денеска Градската канцеларија на Виена. Во приказната, Jaков во сонот гледа скали кои се протегаат од земјата до небо, и по коишто се искачуваат и се спуштаат ангелите. Бог му ветил спасение, иднина, надеж и благослов за него и неговото семејство…
– Едно лице често ги надминува своите можности на многу начини, исполнувајќи ја смислата на својот животот, рече авторката, објаснувајќи го значењето на нејзиното дело.
Според неа, „Небесната скала“ е претставена како скала со одредена смисла – сознанието дека најниската скала е исто толклу важна како и највисоката. – За мене, тоа значи живеење на различни нивоа во нашиот живот, објаснува виенчанката.
Скалите од Стариот завет во христијанската духовност го симболизираат личниот стремеж на човекот кон Бога и рајот. Тој пат кон рајот води преку скалилата коишто ги симболизираат доблестите. Секоја пречка пак, ги претставува земните себични потреби како препреки во тоа да се доживее блискоста на Бога.
Во овие предизвикувачки времиња, вели таа, ова осветлување претставува три божествени доблести – надеж, вера и љубов. Симболичните скали ќе блеснат в сабота пред Велигден, во 21 часот и ќе светат секоја вечер до 31 мај.