Осумдесет и пет ученици, кои се запишани во штипските средни училишта се ставени на листа на чекање за прием во Државниот студентски дом (ДСД) „Браќа Миладиновци“ во Штип, информираше денеска директорот Јордан Насев. Во овој дом се сместуваат и средношколци и студенти. Тој изјави дека на стартот на учебната година веќе се  сместени  околу 95 средношколци, но се чека конечната листа и од студентите чии упис е од 20 септември до 1 октомври.

-Согласно уписниот рок кој беше до 15 јули, кај нас имаме 180 ученици, од кои 95 се сместени во неделата на 1 септември и заклучно со 2 септември сите места се пополнети. Останатите околу 85 ученици се ставени на листа на чекање. Очекуваме деновиве да излезе и официјално резултатите од студентите од кои се условени и приемот на останатите ученици,рече Насев.

Тој понудил и алтернативно решение, со кое  дел од студентите да се сместат во приватните студентски домови.  На тој начин сите ученици и студенти кои не се од Штип ќе имаат соодветно сместување со цел да може да го продолжат своето образование.

-Во Штип имаме и два други приватни домови кои располагаат со близу 120 легла. Официјално тие се пополнети многу малку, па дел од студентите кои имаат аплицирано во нашиот студентски дом да бидат прераспределени во овие приватни студентски домови, изјави Насев. Студентите за сместување во ДСД „Браќа Миладиновци“ плаќаат 3.410 денари,а исто толку средства доплаќа и  Министерството за образование и наука.