Над 46.000 студенти ширум Бугарија ќе бидат вклучени во активности насочени кон зголемување на нивните можности за професионална реализација преку проектот со европско финансирање „Од високо образование до вработување“. Преку овој проект, Министерството за образование и наука на Бугарија ќе обезбеди практични обуки во компании и организации, како и пилотирање на дуално образование во високото образование, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Предвидени се и активности за поддршка на студентите и наставниците за развој и предавање на претприемачки вештини и финансиска писменост, како и за кариерните советници од универзитетите во следење на професионалната реализација на дипломираните студенти.
Информациониот систем на проектот веќе е отворен и преку него ќе се организираат сите активности поврзани со реализацијата на студентските практични обуки. Студентите и работодавачите кои сакаат да се вклучат во проектот можат да се регистрираат на edujobs.mon.bg. На оваа платформа, работодавачите ќе објавуваат огласи за позиции за студентска практика, а студентите ќе можат да аплицираат на нив. Вкупно 44 високообразовни институции се партнери во проектот и исто така ќе работат преку информациониот систем – ќе го организираат, избираат и контролираат целиот процес. На овој начин, платформата ќе ги поврзе студентите, универзитетите и бизнисот во единствена дигитална средина. Секој студент кој студира во акредитирана бугарска високообразовна институција – партнер во проектот, ќе има можност да се вклучи во практична обука.
Со иницијативата се цели до поголема поврзаност меѓу високото образование и пазарот на трудот, при што се охрабрува учеството на бизнис-секторот во образовниот процес. Студентите ќе стекнуваат практично искуство во претпријатија, институции и организации согласно нивниот академски профил. Работодавачите ќе можат да учествуваат како обучувачки организации и да привлечат млади кадри со актуелни знаења.
Практичните обуки ќе опфатат над 40.000 студенти во различни форми. Повеќе од 16.000 од нив ќе бидат од техничките науки, педагошките науки, природните науки, математиката и информатиката. Над 2.500 студенти ќе учествуваат во пилот-моделот на дуално образование кој комбинира академска и реална работна средина, информираат од Министерството за образование и наука на Бугарија.
Проектот исто така предвидува серија на настани и обуки отворени за студенти од различни области. Над 6.000 студенти ќе се вклучат во активности како што се студентски клубови за социјално претприемништво и иновации, хакатони, бизнис симулации, обуки за финансиска писменост и зелени технологии. Дел од активностите ќе бидат и средби со дипломирани студенти со цел размена на искуства и инспирација за нови кариерни патишта.
Проектот BG05SFPR001-3.002-0001 „Од високо образование до вработување“ го спроведува Министерството за образование и наука на Бугарија како конкретен бенефициент во рамки на Програмата „Образование“ 2021–2027 година, кофинансирана од Европскиот социјален фонд плус. Вкупниот буџет на проектот изнесува 187.247.591 лева, а активностите ќе се спроведуваат до крајот на 2029 година.