По 27-ми пат во тетовска Брвеница се собраа пензионери од целата држава за да учествуваат на Републичките спортски натпревари.

Во над десет спортски дисциплини се натпреваруваа претставници на 43 здруженија на пензионери, од 53 колку што ги има во Сојузот. Организатор на натпреварите е Сојузот на здруженија на пензионери, а домаќин тетовското здружение.

-Овие спортски натпревари се со голема традиција во 77 годишното постоење на пензионерското организирање. На овие спортски натпревари им претходеа натпревари на општинско и регионално ниво. Пензионерите се натпреваруваат во 11 спортски дисциплини, а ќе учествуваат 371 натпреварувач, од кои 224 се во машка конкуренција и 147 во женска конкуренција. Севкупниот победник на натпреварите, односно онаа екипа која ќе освои најмногу поени, ќе го добие преодниот пехар, изјави Станка Трајкова, претседател на Сојузот на здруженија на пензионерите на Македонија.

Домаќините од тетовското здружение имаат 22 пензионери учесници на денешните игри.

-Имаме 22 спортисти во десет дисциплини кои учествуваат во тегнење јаже, фрлање ѓуле, скок од место, трчање, стрелаштво, шах, табла, изјави Селвер Мемети претседател на Здружение пензионери на Тетово

Покрај спортувањето, натпреварите се пригодни и како начин на дружење и рекреација на највозрасните членови на општеството.

-Овие спортски активности не само што го афирмираат спортот, кој е многу важен за лицата во третото доба, тие истовремено значат и рекреација, значат соживот, другарување, излегување од дома за да се помине еден убав ден, изјави Станка Трајкова.

За барањата за зголемување на мининалните пензии Трајкова изјави дека Сојузот на здруженија на пензионери со Министерството за труд и социјална работа тековно работи.

-И пред да почнат протестите фокусот на Сојузот беа ниските пензии. Сега се формираше работна група од Владата и веќе има три средби со Сојузот. Ние како Сојуз изразуваме големо задоволство што шест наши материјали кои сме ги дале за подобрување на материјалниот статус на корисниците на пензија меѓу кои и предлози за зголемување на најнискиот износ на пензија даден во три варијанти со компаративна анализа и ефекти е доставен до работната група, рече Трајкова.

Натпреварите се играа во ОУ „Кочо Рацин“ и фудбалскиот стадион во Брвеница.