Од почетокот на донесувањето на владините одлуки за „замрзнување“ на цените на одредени производи до денеска спроведени се над 1.800 инспекциски надзори и одлуките генерално се почитуваат, изјави в.д директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски во гостувањето во утринската на Телма.
„Но, во неколку наврати се изречени и казни кои вкупно надминаа 2.5 милиони денари. Во зависност од големината на правниот субјект, варираат и висините на казните кои се движат од 800 до 10.000 евра. Граѓаните постојано праќаат поплаки до нас за високите цени на рафтовите, но Државниот пазарен инспекторат нема ингеренции во формирањето на крајната цена на производите. Ние сме тука да вршиме проверки само на одлуките кои ги носи Владата и да спречиме нивна злоупотреба. Се очекува денеска да бидат замрзнати цените на зеленчукот и овошјето, а сигурен сум дека во наредниот период ќе бидат замрзнати цените и на други производи за кои веќе се прават анализи“, нагласи Трајковски.