Најмалку 21 сириски војник е убиен денеска во заседа на милитантите во јужната провинција Дараа, наведува Сирискиот центар за мониторинг на човековите права со седиште во Велика Британија, јави ДПА.
Меѓу убиените има и припадници на елитната Четврта армиска дивизија и на сириските владини разузнавачки единици. Со Четвртата армиска дивизија раководи Махер ал-Асад, братот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Според Центарот, нападот се случил во близина на градот ал-Музариб, во западниот дел на провинцијата Дараа. Во заседата и вооружената борба што следела има и петмина повредени. Центарот соопшти дека бројот на мртви најверојатно ќе се зголеми бидејќи некои од ранетите се во критична состојба.
Шефот на Центарот , Рами Абдел Рахман, изјави дека војниците тргнале да го уапсат командантот на опозицијата во областа, кога упаднале во жесток огнен напад.
Сириската државна новинска агенција САНА соопшти дека војници биле убиени и ранети во „терористички напад“ врз армиски автобус во внатрешноста на Дараа. САНА не даде детали за бројот на мртвите, појаснува германската агенција.
Во 2018 година сириските владини сили поддржани од руските сили презедоа контрола врз големи делови на Дараа, покраината од која почна сириската револуција против ал-Асад. Но, некои области, според договор со посредство на Русија, останаа под контрола на опозициските сили, како што е градот ал-Музариб, пренесува ДПА. (МИА)