Над 1.500 учесници од 40 држави во Европа утрово учествуваат на спортско-рекреативната трка „Трчај, бе“ што се одржува низ улиците на Битола.
Трката поддржана од Атлетската федерација на Македонија се одржува на три патеки од 5, 10 и 21 километар, а на улиците во централното градско подрачје се атлетичарки и атлетичари од Турција, Романија, Косово, Бугарија…, меѓу нив и актуелната европската првенка на 3.000 метри стиплчес и финалист на последното Светско првенство, Луиза Гега од Албанија.
-Вложивме голем труд за организација на трката во која е вклучен тим кој беспрекорно работеше долг период. Се надевам дека го постигнавме тоа што го сакавте и вие. Уживајте во трката, уживајте во секој момент низ битолските улици, им порача на учесниците Никола Димитровски, претседател на организацискиот тим.
Трката се одвива по булеварот „1-ви Мај“ и улиците „Генерал Васко Карангелевски“ , „11-та Македонска Дивизија“, „Филип II Македонски“ , „Батаљон Стив Наумов“, „Прилепска“, „4-ти Ноември“, улица „Солунска“ и низ „Широк Сокак“ до Градскиот часовник, а сообраќајот го регулираат полициски службеници на СВР-Битола.
За историјатот на атлетиката во Битола, говореше спортскиот новинар во пензија, Димче Миновски.