Во нацрт-комуникето од мировната конференција во Украина викендов во Швајцарија се повикува на почитување на територијалниот интегритет на Украина и се споменува војната на Русија против Киев, објави Ројтерс, кој го виде нацртот на документот, пренесе БТА.

За конечната верзија на текстот ќе се разговара денеска. Нацртот што го виде Ројтерс е датиран на 13 јуни, наведува бугарската агенција.

Швајцарската влада, која е домаќин на форумот, изрази надеж дека конечната верзија на декларацијата ќе биде поддржана од сите учесници на состанокот едногласно.

Нацрт-документот исто така бара нуклеарната централа Запорожје да се врати под украинска контрола и да се гарантира пристапот на Киев до пристаништата на Азовското Море.