Вработените во Јавното претпријатие „Национални шуми“ активно расчистуваат шумски терени и поставуваат заштитни обрачи со механизација, во обид да се спречат катастрофалните пожари какви што ја зафатија земјата минатото лето, кога изгореа илјадници хектари шума, а беа уништени животи на дивеч и птици.

Заменик-директорот на претпријатието, Кире Михаилов, објаснува дека оваа пракса веќе дала резултати.

„Лани, со поставување на заштитни обрачи успеавме да спречиме целосно опожарување на неколку села под планината Серта“, изјави Михаилов.

Во тек се активности за расчистување на постојните шумски патишта, нивна санација, како и отворање нови пристапи до ризичните зони.

„Тоа значи правење на заштитни обрачи за заштита од евентуални пожари“, додава Михаилов.

Паралелно, се работи на изготвување Национална стратегија за заштита од пожари, преку владини работни групи. Михаилов признава дека ниту една институција во државата досега не била целосно подготвена да се справи со огнената стихија.

„Стратегијата ќе предвиди набавка на нова опрема и возила, бидејќи состојбата е алармантна – нашите луѓе лани гаснеа пожари буквално со влечки, без соодветна опрема, без обезбедено здравствено покритие“, потенцира тој.

Според податоците на Европскиот информациски систем за шумски пожари (Коперник), во текот на минатата година во земјава биле опожарени над 94.000 хектари површина.