Судот ги слушна воведните зборови на сите 35 физички и три правни лица обвинети за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Александар Нацев, обвинет дека е реален сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ и не подготвил и не поднел план за обезбедување на локалот вечерта кога се случи пожарот, исто како и сите негови претходници, рече дека нема вина и дека во текот на постапката ќе го докаже тоа.

„Девет месеци молчев и бев жртва на медиумски и јавен линч спроведен преку различни квазиексперти и безбедносни аналфабети. Со неверување гледав како со неверојатна леснотија одново и одново беше рушена пресумпцијата на мојата невиност додека целиот тој период бев таргет и на разни неосновани политизирани клевети и навреди. Денес сите овде сме исправени пред брутално силување на законот за приватно обезбедување со цел одредени негови одредби да послужат како поткрепа на теоријата на случај во обвинението“, рече Нацев.

Со барањето одговорност од агенцијата за обезбедување „Рубикон“ тој смета дека малициозно се префрла вината која ја имаат државните органи задолжени за превенција, надзор и контрола.

„Во текот на ва судење ќе ги неутрализираме ваквите конструкции преку непобитни докази и околности кои јавно ќе укажат на отсуство на каква било вина кај мене или каква било таканаречена каузална поврзаност со трагичниот настан за време на чие случување јас воопшто не бев ни присутен во државата“, рече Нацев.

Неговиот бранител кажа дека во постапката ќе докажат дека „Рубикон“ вечерта немале обврска да направат и да пријават план за обезбедување оти имале само тројца обезбедувачи, а законот пропишува таква обврска за настани на кои се ангажираат петмина или повеќе, кажа дека ќе докаже дека Нацев не реален сопственик на агенцијата туку дека кусо време бил вработен како консултант поради неговата стручност.

И бранителите на правните лица „Рубикон“ и „ММММ Кафе ДООЕЛ“ во денешните завршни зборови го оспоруваат обвинението, кажаа дека не е јасно со кои конкретни дејствија одгворните лица ги презеле за да бодат обвинети правните лица и најавија дека во текот на постапката ќе докажат дека нема вина кај обвинетите правни лица.

Текстот Нацев кажа дека не бил во земјата кога се случи пожарот во „Пулс“ и се пожали на медиумски и јавен линч од безбедносни аналфабети е превземен од МАКФАКС.