Скопјани со години беа научени да се паркираат кој каде ќе стигне, на тротоари и зелени површини, на улица покрај тротоар, на секое парче слободно место. Градот и општините во изминатите години прават обиди да се стави крај на лошите навики на возачите и да се ослободи простор и за другите, за пешаците и велосипедистите, кои се исто така рамноправни учесници во сообраќајот.
За да се спречи непрописното паркирање по тротоари покрај повеќето улици и булевари се поставија столпчиња, се изведоа и велосипедски патеки, а „пајаците“ на ПОЦ и на „Градски паркинг“ постојано се на терен и се изрекуваат повеќе казни. Сепак, со толку многу возила во градот тешко се решава проблемот со паркирање.
Од здружението „На точак“ велат дека јавниот простор е ограничен ресурс и затоа треба добро да биде испланиран.
– Општините планираат дали ќе биде искористен за движење на возила и колкав дел од него, дали ќе биде искористен за паркирање на возила и колкав дел од него, дали ќе биде искористен за зеленило и колкав дел за тоа, дали за детски игралишта, плоштади, пешачки површини, велосипедски патеки и ленти. Општините одлучуваат кои се приоритетите за вложување на буџетот кој го имаат на располагање, дали ќе одржуваат зеленило и детски игралишта или ќе градат и одржуваат паркинзи за коли. Можат и тоа и тоа, но ако се споредат сумите на крајот од годината, ќе се покажат вистинските приоритети (колку биле навистина зелени) – тврдат од здружението.
Во Скопје, според „На точак“, општините го подаруваат јавниот простор бесплатно за паркирање. Дури и во оние општини каде што постои некакво регулирање и наплаќање, како што велат, тоа е само со цел да се наплаќа, но не и да се воведе ред и некаква прогресивна политика.
– Попусто ни кажуваат дека се за зелени општини ако јавниот простор бесплатно го подаруваат за паркирање автомобили. Општината можела да го искористи тој простор за поздрави активности кои се придобивка за сите, наместо за возила (кои загадуваат, окупираат јавен простор, прават бучава, креираат небезбедност и големата употреба севкупно им штети на соседствата) или ако веќе го користи за паркирање – тоа да го наплаќа и средствата од приватното користење јавен простор да ги користи за општа добробит. Но дури и кога се наплаќа, тоа мора да се прави по строги правила и да не биде на штета на пешачкиот простор и безбедноста како што е случајот во Општина Центар во Скопје – објаснуваат од „На точак“.