Ова е животна приказна на 17-годишната Мартина Дејаноскa напишана во прво лице. По сè она што го поминав и разочарувањето по објавената пресуда, решив да ја раскажам најтешката приказна во мојот живот.
Поминаа две години. „Срамота е, ќути…“, „Што ќе кажат другите?“. Уверувања со кои сте растени, уверувања кои се наметнати и во кои сте поверувале. Не е сè вистина! Не треба да молчиме! Не сме виновни! Не си го бараме сами! Никој од нас не го заслужува тоа! Некои ме познаваат, за оние кои ќе ме прочитаат за прв пат, ќе говорам јасно и гласно. Јас сум Мартина Дејаноска, деновиве наполнив 17 години, а тоа што ми се случи не го посакувам никому. Сè она што ќе ви го раскажам е со цел да ве инспирирам сите – да не молчите! Јас имав среќа да избегам од рацете на еден предатор, а за вас, на кои веќе ви се случило, па сте премолчиле, или ќе ви се случи утре, па ќе премолчите, искрено, не знам.
Дејствијата што се случија и елементите на кривичното дело, други полови дејствија на дете кое наполнило 15 години беа исполнети, причината поради која решив да пишувам е резултатот и исходот од пресудата која гласи „една година ефективен затвор“.
Од моите родители научив, и вечно сум им благодарна за тоа, дека во животот ќе дојдат моменти, ќе се појават личности и денови кои никогаш не треба да се доживеат, да се почувствуваат, да се помирисаат, моменти кои никогаш не смее да се вкусат. Но најбитното од сè е дека истите тие личности, денови, моменти никако не смеат да се премижат, а најмалку да се премолчат.
Оди си дома и не кажувај никому!
Беше убава пролетна вечер, 2019 година, штотуку почнав да се навикнувам на новата средина во која дојдовме. Не сакајќи да го избришам минатото, продолжив со активностите кои и таму ги практикував, па одев на извидници, волонтирав во Црвен крст и она што можеби најмногу го сакав – посета на играорна група. Играорната група имаше часови и активности во познат средношколски училишен центар во Велес. Целодневната моја активност и влезот во таа просторија тој ден придонесоа да добијам вртоглавица и недостаток на воздух, па побарав да излезам на свеж воздух. Со мене дојдоа мојата најблиска другарка и уште неколку од нашите пријателки. Тогаш, од една од канцелариите излезе постар човек, на 62-годишна возраст, ме погледна и ми се обрати: „Девојче имаш ли некаков проблем?“, му одговорив дека имам вртоглавица и дека не ми е добро. Ми рече: „Дојди, седи тука, одмори…“. Влегов во просторијата, седнав на едно столче, вртоглавицата беше ужасна, тој ми пријде одзади нудејќи ми чоколадо, ги стави рацете на мојата глава, почна да ми ја масира главата. Не чекав ни момент, сè беше брзо, веднаш реагирав, сфатив дека е време да бегам. Полека почна да ги движи своите раце кон моите раменици, па пробав да станам и тогаш бев притисната од него на столчето. Знаев дека не е во ред тоа што се случува и повторно пробав да избегам, но тогаш се случи најгрозното искуство. Предаторот ме фати, ме повлече кон него, ме притисна, ставајќи ги неговите раце околу моите гради, силно притискајќи и обраќајќи ми се со зборовите: „Не е ова тоа што го мислиш“. Имаше и други „валкани“ зборови. Не знам како и од каде таа сила, но успеав да ги тргнам неговите раце од мене, да се оттргнам и да избегам од просторијата. Толку беше краток тој миг, но за мене беше цела вечност. Преплашена, настанот ѝ го раскажав на мојата другарка, и на лицето кое прво требаше да ме заштити -тогаш го гледав од аспект на учител кој ја водеше играорната група, а го добив првото разочарување. Откако му ја раскажав случката, безсрамно ме погледна во очи и ми порача: „Оди си дома и не кажувај никому, а јас ќе разговарам со чичкото“. Замислете, ме натера да премолчам!
За волја на вистината, моите родители не ме научиле така, па веднаш, крајно вознемирена и преплашена, се упатив кон својот дом каде што сè им раскажав. Тројцата се упативме кон полициска станица, бев сослушана од единствените кои во тој момент нешто брзопостапно се обидоа да направат. Дадов изјава во присуство на работник од Центарот за социјални работи и кратко потоа си заминавме дома. Знам дека лицето таа вечер било лишено од слобода, задржано во полициска станица и бил извршен разговор од страна на задолжен инспектор. Негирал во исказот, освен дека ме допрел. Инаку, не му било првпат, и други девојчиња – играорки секојдневно ги гушкал и допирал, биле „негови принцезички“.
Второто разочарување дојде откако е задржан не повеќе од потребното и беше пуштен со насока – кривичното дело, да се гони по бавна постапка, иако се исполнети условите за брза постапка. Оттогаш поминаа две години.
Се чувствував како школка
По овој настан мозокот ми се затвори. Се чувствував вкочането, како школка. Сите мои чувства – повредата, срамот, лутината, вината, тагата и збунетоста беа затворени. Почнав да сонувам ужасни кошмари, живописни повторувања на траумата. Мислев дека нема да можам да се справам со тоа, се чувствував како да ќе експлодирам, но ете, со помош на моите најблиски, успеав. Посетив стручни лица кои ми помогнаа, вештаци кои ме сослушаа, јавни обвинители кои се трудеа, а на крајот, после цели две години и неколку рочишта, на кои предаторот речиси го призна делото и настаните, повторно се изненадив и разочарав, и одлучив да ја продолжам својата битка. За мене, разочарување се одлуките и пресудата на судијата. Сè уште искрено се надевам дека јавниот обвинител ќе ја обжали оваа пресуда и дека повискоите судови ќе донесат праведна пресуда, а не утре, додека стане таа одлука правосилна, истиот на слобода да го стори истото, ако не и полошо кривично дело, ако веќе и не сторил. Време е за промени, време е за акција, не само празни зборови. После секој ужасен настан во кој се вклучени деца, сакам да ги повикам сите организации, меѓународни и државни за заштита на жената и децата, политички и административни, кои, исто така, декларативно секој ден се залагаат и се борат за подобри женски и детски права. Тогаш бев јас, утре ќе биде некој друг, додека не биде доцна да ја пренесеме оваа порака. Не молчете, бидете силни, само така ќе ја зачувате вашата гордост!
*Текстот е објавен со одобрение на родителите на Мартина.