Освен коалиција во влада, партиите на власт се соединуваат и за локалните избори. Минатата недела, премиерот Зоран Заев ја официјализираше предизборната коалиција со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Во текот на денешниот ден, Заев се сретнал и со лидерот на ДПА, Мендух Тачи. По средбата, првиот човек на социјалдемократите на Фејсбук напиша дека се договориле да соработуваат и во првиот круг на локалните избори, но без да открие во кои општини.

„Во некои општини соработката ќе ја реализираме во прв круг, а во други општини во втор круг. СДСМ продолжува ја гради и развива најголемата и најдобра коалиција за локалните избори во октомври“, посочи Зоран Заев.

Од ДПА велат дека целта на оваа соработка е да се изберат најдобрите градоначалници кои ќе им бидат на услуга на граѓаните.

„Лидерот на ДПА, Мендух Тачи оствари средба со премиерот Зоран Заев на која се согласиле за меѓусебна соработка на локалните избори. ДПА и СДСМ ќе соработуваат и поддржуваат една со друга со цел да се изберат најдобрите градоначалници кои ќе им бидат на услуга на граѓаните“, велат од ДПА.

Од Движење Беса веќе изјавија дека не се дел од коалицијата која Заев ја склучува со другите албански партии и дека сами ќе настапат на локалните избори.