Ќе му се суди на поранешниот владин генерален секретар, Драги Рашковски, како и на уште шест други лица. Кривичниот суд го прифати обвинението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за проблематичните набавки на софтвери – за брзина на возилата во сообраќајот и за биометриска идентификација, сè на сè – четири набавки. Меѓу нив и лични патентирани софтвери на Рашковски. Му се ставаат на товар две кривични дела – перење пари и злоупотреба на функцијата. На останатите шестмина ќе им се суди за помагање.
„Оформен е кривично – правен предмет… за кој откако согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија и ќе биде закажана главна расправа, странките и јавноста ќе бидат известени“, соопштија од Основниот кривичен суд – Скопје.
Актуелно Рашковски е во домашен притвор. Според обвинението, Рашковски од јуни 2017 година до февруари годинава со умисла, помогнат од двајца обвинети, кои биле надворешни соработници, заедно извршиле повеќе дејствија. Рашковски добивал помош за кривичното дело и од сопственик на фирма. Дополнително на сè, јавните набавки не биле ниту економични, а Рашковски, прескокнувајќи ја постапката за јавна набавка, лично, давал насоки, како да се изготвува техничката спецификација за споменатите јавни набавки.
Обвинителството процени дека на овој начин обвинетите во џеб си ставиле речиси 300.000 евра. Од овие пари, Рашковски од јуни 2017 до мај годинава пуштил во оптек повеќе од 87.000 евра. Во меѓувреме, го прикривал потеклото на парите со нивно ставање на сметки на негови блиски. Со тие пари си отплаќал и земени кредити. Во обвинението е наведено и дека за повеќе од 21.000 евра е оштетена државната каса и од хонорарци кои ги ангажирал Рашковски. Тие ништо не работеле, но редовно на Рашковски му давале дел од нивните хонорари.