На првиот ден од пописот попишани се 94.975 лица, односно на пописот кој започна вчера вкупно се опфатени 28.594 домаќинства и 37.544 станови, објави денеска Државниот завод за статистика. Во меѓувреме, од 1 март кога започна самопопишувањето преку веб-апликацијата за самопопишување на дијаспората, според последните податоци попишани се 191.550 македонски државјани.
Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера порача дека посакува оваа операција да се заврши успешно во интерес на сите, и како што рече, да се приберат одволен фонд на информации за сите граѓани во државата, за станбениот фонд и за сите важни податоци за домаќинствата.
„Со една и единствена намера, истите да служат на оние кои треба да спроведуваат развојни политики, да имаат добра основа за такво нешто и да спроведуваат квалитетни развојни политики. Пописот на населението, домаќинствата и становите нема поинаква цел, не служи ниту на една политичка партија, не служи ни на поединци, служи на оние кои треба да го градат развојот на државата и се неопходни и од таа причина сите земји во светот го спроведуваат без исклучок“, рече Симовски.
Исто така, тој ги повика масовно граѓаните да се вклучат во операцијата без исклучок, бидејќи, како што додаде, податоците се за нив.
„Не собираме податоци за да правиме некакви други работи, да ги чуваме некаде во некои архиви и слично, туку да бидат употребени во онаа насока која што ја кажав. Не подлегнувајте на сите оние иницијативи да не се отвора врата, да се бојкотира пописот, бидејќи правите штета себеси и на своите деца“, додаде тој.
Инаку, пописот е предвидено да трае до 30 септември, а според директорот Симовски првите податоци треба да бидат објавени најдоцна до јануари следната година.
Во меѓувреме, од Државниот завод за статистика информираа и дека се отворени контакт телефони за сите прашања поврзани со пописот, односно граѓаните можат да ги контактираат телефонските броеви 070/335-406, 071/483-641, 071/483-293 и 075/402-335.