На поштенскиот пазар во државава повеќе нема монопол. По осум години од почетокот на активностите и неколку одложувања, од почетокот на годинава настапи целосна либерализација. Престанаа да постојат ценовните монополи за поштенските услуги за пратките за коресподенција и пратките со директна пошта, со маса до 50 грама, односно резервираните услуги кои беа загарантирани со Законот за поштенските услуги.
Целосната либерализација на поштенскиот пазар значи дека АД Пошта на Северна Македонија Скопје нема повеќе ексклузивно право, ниту ценовен монопол за овие услуги, а приватните поштенски оператори можат слободно, по пазарни услови да ги формираат цените за нивните поштенски услуги за писма со маса до 50 грама.
АД Пошта на Северна Македонија со лиценца од највисок ранг – Индивидуална дозвола и натаму е давател на универзална услуга, со обврска да го извршува сетот на основни поштенски услуги, преку сопствената мрежа, низ целата територија на државата и во меѓународниот сообраќај по цени регулирани од Агенцијата за пошти.
Од Агенцијата за пошти за МИА објаснуваат дека гледано од страна на корисниците, либерализацијата во поштенскиот сектор значи можност и право за избор на поштенски услуги и на давател на поштенски услуги, вклучително и на услугите за писмата до 50 грама, секој според своите потреби и според други критериуми (достапност, квалитет, флексибилност), а не само според цената.
-Очекувањата се дека со либерализацијата ќе се зголеми квалитетот на поштенските услуги, пораст на пазарната конкуренцијата, подигнување на задоволството на корисниците од поштенските услуги, се очекува и преструктуирање на приходното портфолио од приходи кои во целост зависат од традиционалните поштенски услуги, кон приходи кои се остваруваат од современите и модернизирани поштенски услуги кои вклучуваат достава на пратки кои се предмет на онлајн трговија, дигитализација и модернизација на интерните технолошки и оперативни процеси во Пошта на Северна Македонија, при што изминатиов период може да се забележат промени во нивното работење кои се базираат на нудење на современи дигитални услуги како и дигитализација на севкупниот процес на достава на пратки и писма, изјави за МИА Билјана Аврамовска, директор на АП.
Како што укажува таа, со оглед дека се зголемува интересот за работа во поштенскиот сектор искажан преку поднесување на девет нотификации за добивање на општи овластувања од почетокот на годинава, се очекува подинамичен пазар во наредниот период.
-Укинувањето на монополот ја отвора можноста за работа во овој сектор со поширока палета на услуги на понуда, па следствено тоа ќе има одредени поместувања и на пазарот. Со повеќе даватели на поштенски услуги се подразбира и одредена дисперзија на услуги согласно понудата на квалитетот, цената и потребите на корисниците. Онлајн понудата и побарувачката свое влијание има на зголемување на пакетските услуги, па од таму се гледа и поголемиот интерес за работа во овој сектор посебно во делот на пакетските и логистичките услуги, но секако дека и отворањето на услугите до 50 грама поттикнува голем интерес кај давателите на поштенските услуги со оглед дека овој момент се очекува уште од 2012 година, вели Аврамовска.
Во секој случај, укажува, реално првите податоци за начинот на кој влијание има укинувањето на монополот се очекуваат по завршување на првото полугодие кога ќе бидат доставени и првите извештаи, тргнувајќи од фактот дека е укинат монополот, спремноста за понудата на цени согласно квалитет на кој ќе се обезбедуваат услугите, а сето тоа да биде во согласност со потребите на корисниците.
-Иако либерализацијата настапи многу подоцна од првично пропишаниот датум 01.01.2012 година, задоволни сме што заложбите и активностите на Агенцијата за пошти во изминатиот период од 12 години, за развој на ефективна и динамична конкуренција и либерализација во секторот, конечно имаат позитивен епилог, посочува Аврамовска.