Индија има богата кулинарска традиција, а индиската кујна е позната по своите единствени егзотични вкусови. Поради поволната клима и местоположба во оваа земја се одгледува изобилие од зачини, кои се популарни и надвор од границите на државата.
Кари – е индиски зачин што најмногу се користи. Има силен, пикантен, полусладок вкус. Овој зачин се добива од листовите на кари дрво. Понекогаш листовите се користат и свежи, но во повеќето случаи се сушат и мелат во прав. Има неколку сорти од овој зачин, како што е црвеното кари, кое се користи во подготовка на одредени деликатеси. Можат да се најдат уште кари течен екстракт и паста-кари.
Кардамон – се добива од свежи зелени мешунки на кардамон растение. Семките што се во овие мешунки се мелат и најчесто се користат како ароматичен додаток во некои чаеви. Овој индиски зачин се користи и за зачинување на ориз и печени јадења. Кардамонот е еден од најскапите зачини во светот.
Ким – Индијците го вадат од посебни џбунови што се карактеристични за оваа земја. Зрнцата ким можат да се мелат или да се користат цели. Овој зачин има сладок, благо пикантен и остар вкус.
Коријандер – се прави од билка која е слична на магдоносот. Листовите се многу слични со магдоносот, но се поситни и мирисаат на мешавина од цреша, ванила, цимет, роза и портокал. Семето од коријандерот се користи како зачин и има вкус што оди од слатко кон горчливо, а сличен е на оној од кора од портокал.
Шафран – е еден од најскапите деликатесни зачини на светот. Се добива од цветови кои растат само во Азија и имаат чуден и силен вкус. Вистинскиот и квалитетен шафран е скап бидејќи за еден килограм сув шафран потребни се 110.000 – 165.000 цветови, кои се добиваат од засадена површина со големина на два фудбалски терена. Просечната продажба на запад е отприлика 1.550 евра за еден килограм сув шафран.