Не знаеме дали тоа било намерата, но филмот „365 дена“ од оргиналната продукција на „Нетфликс“, прерасна во еден од најконтроверзните на денешницата.
Филмот раскажува невообичаена сторија, во која еден сицилијански мафијаш грабнува туристка од Полска и ја сместува во својот раскошен дом. На девојката ѝ се поставува услов: 365 дена ќе живее на Сицилија во „златниот кафез“ на шефот на мафијата и доколку во периодот не се вљуби во него, тогаш е слободна да си замине. Нормално, по само еден месец шармантната Лора се вљубува во маркантниот Масимо, кој успева да ѝ го освои срцето.
„Бледа копија од 50 нијанси сиво“ и „Порно за сиромашни“ се дел од насловите од критичарите, кои воопшто не му беа наклонети на „365 дена“. Сепак, филмот во кој експлицитните сцени на секс неверојатно многу наликуваат на оние од филмовите за возрасни, оствари огромна гледаност.
Според статистиката на „Нетфликс“, „365 дена“ е во топ 10 според гледаноста во 90 земји. Тоа беше и препораката која продуцентите ја очекуваа, па затоа во текот од 2022 година ќе бидат
претставени уште две нови продолженија. Филмот се темели на книгата од полската авторка Бланка Липинска, која е воедно и косценарист.
– Ми претставува огромна чест, што преостанатите два дела од трилогијата „365 дена“, „Овој ден“ и „Наредните 365 дена“ ќе бидат адаптирани за претплатниците на „Нетфликс“. Возбудена сум што ќе имам прилика на гледачите од целиот свет да им го покажам патот по кој оди приказната за Лора и Масимо – изјави пред неколку дена Липинска.
Генералниот менаџер на „Нетфликс“ за Полска, Лукаш Клускиевич, посочи дека филмот е еден од најупешните годинава, во севкупната понуда на стриминг платформата.
– „365 дена“ е меѓу најпопуларните проекти на Нетфликс, а ние во соработка со Бланка Липинска ќе се обидеме набргу да ги снимиме преостанатите два дела, со цел да го раскажаме комплициран однос на Лора и Масимо, исполнет со пресврти и непредвидени случки, но и однос кој се зацврснува и ги учи за сопствената природа – вели Клускиевич.
Тоа што може да се претпостави е дека Лора е жива и здрава, иако во последната сцена од филмот може да се претпостави дека таа е жртва на атентат. Но, бидејќи веќе се најавени две нови продолженија, лесно може да се заклучи дека големата љубов на Масимо го преживеала
обидот за нејзина ликвидација.
Во главните улоги повторно ќе се појават Микеле Мороне и Ана-Марија Сиклуцка, заедно со Магдалена Лампарска и Отар Саралидзе. Најавените филмови повторно ќе снимаат на повеќе локации во Полска и Италија.