Обвинителството утрово соопшти дека засега се потврдени 14 жртви во трагедијата во Тетово, односно во пожарот во кој изгоре Ковид центарот во кој се лекувале пациенти заразени со Ковид 19. Како што велат од таму засега сите жртви биле пациенти, во овој момент нема информација дали меѓу загинатите има и медицински персонал. Вкупно пет обвинители извршиле увид, а истрагата и увидот на лице место продолжува и утрово.
-Во соработка со припадници на МВР, веднаш е започнат увидот. Обвинителите издадоа наредби за обдукција и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот, а се испитува и дали има и други починати лица. За некои од починатите ќе биде потребна ДНК анализа за да се утврди нивниот идентитет. Според првичните сознанија, меѓу починатите нема медицински персонал.
До раните утрински часови, обвинителите сослушаа вработени во модуларната болница со цел да се утврдат причините за пожарот.
Во исто време, издадена е наредба за обезбедување на снимките од видео надзорот во и околу објектот. Увидот ќе продолжи и во текот на денешниот ден, а јавните обвинители заедно со експертите на МВР, ќе ги обезбедат доказите за целосно расчистување на трагичниот настан., велат од Обвинителството.