Во вториот и третиот квартал лани во споредба со првото тромесечие од 2019 година забележано е намалување на бројот на вработени за 26 илјади лица. Институтот за економски анализи, „Фајнанс Тинк“, објави анализа во која дополнително се наведува дека најмногу откази им биле поделени на ниско платени работници кои работеле без никаков договор.
„Формализацијата на работните места најчесто се вршеше преку договори на определено работно време, па затоа владата треба да воведе механизми за нивно задржување и евентуално претворање на договори на неопределено време“, рече Деспина Туманоска, Програмски координатор во „Finance Think“.
Од Сојузот на синдикати посочуваат дека со години се борат договорите на определено време да траат најмногу една година, па потоа веднаш да се трансформираат на неопределено. Според синдикалците, вработените кои немаат договор на неопределено време, не можат комотно да си ја планираат иднината, нема соодветно здравствено осигурување и тоа се неколку причини плус, работникот од Македонија да си ја бара среќата во некоја од државите од Европската Унија.
„Договорите на определено време да траат најмногу до една година, токму поради овие причини. И ќе останеме на тој став и тие договори да може да се продолжуваат на определено време годишно, максимум до два пати“, рече Дарко Димовски претседател на ССМ.
Ставот на работодавачите е дека не смее да се толерираат газди кои не ги пријавуваат своите работници, бидејќи на тој начин ги оштетуваат вработените и претставуваат нелојална конкуренција во стопанството. Најголем дел од отпуштените работници во анализираниот период се од туристичко-угостителскиот сектор, текстилната и градежната индустрија.
Иле Петревски