Матурантката Тијана Силјаноска од Охрид денеска не полагаше државна матура оти нејзиното име не беше на списокот меѓу матурантите од охридската гимназија „Свети Климент Охридски“, пренесува СДК.мк

Силјаноска беше пратена дома, а татко ѝ револтирано вели дека поради превид на надлежните во училиштето таа иако е солидна ученичка, нема да може да се запише на планираниот Факултет за физиотерапија во Словенија.

„Ќерка ми сакаше да студира во Љубљана, сега тоа право ѝ е спречено од толку агилната администрација и директорката во гимназијата. Нека сноси некој одговорност, нека се види кој е виновен. Момичето моментално е под седативи дома“, вели таткото Боби Силјаноски.

Тој додава дека административен пропуст е направен уште во февруари, но никој до денес не алармирал.