Најмалку десет луѓе се убиени, а 15 се повредени во нападите со нож во централната канадска провинција Саскачеван. Осомничени се двајца мажи, по кои и натаму се трага.
Жртвите се пронајдени на 13 локации во домородната заедница Џејмс Смит Кри Нејшн и во соседното село Велдон. На жителите им е кажано да останат засолнети, додека полицијата продолжува со масовната потрага во голема географска област. Поставени се и контролни пунктови, при што се проверуваат сите кои поминуваат.
Властите прогласија вонредна состојба во Џејмс Смит Кри Нејшн, каде што живеат околу 2.000 луѓе.
Напаѓачите се идентификувани како Демиен (31) и Мајлс Сандерсон (30), за кои не е познато во каква врска се. Тие се опишани како опасни и вооружени.
„Ова е ужасен напад. Шокиран сум од денешните ужасни настани“, изјави канадскиот премиер Џастин Трудо, додавајќи дека ова е еден од најсмртоносните случаи на масовно насилство во канадската историја.
Полицијата го примила првиот итен повик во 5:40 часот по локално време, по што следеле многу други. Осомничените за последен пат биле видени во Реџина, главниот град на Саскачеван, а потрагата е проширена и на соседните провинции Алберта и Манитоба.