По објавувањето на предизборната коалиција СДСМ – ДУИ, најава за можна коалициска соработка има и од ВМРО-ДПМНЕ Алијанса Алтернатива. За можна коалиција меѓу македонскиот и албанскиот опозициски блок се зборува веќе извесен период. Иако се уште нема ништо официјално од двете страни, многу е веројатно дека наскоро и тие да седнат на преговори за коалициона соработка на локалните избори.
„Кај нас постои расположение за разговори со Алијанса и Алтернатива за коалициона соработка пред првиот круг и исто така за коалициона соработка меѓу двете изборни круга. Имаме сигнали од овие две партии дека тоа расположение постои кај нив и врз основа на програми и добри кандидати во повеќе општини ќе можеме да ги усогласиме тие идни соработки. Немам конкретен датум кога би се случила некоја таква средба но комуникацијата е редовна и во собраниско ниво и надвор од Собрание“, посочи Антонио Милошоски.
Од Алијанса Алтернатива велат дека рано е се уште да се каже дали ќе има заеднички настап.
„Ние се уште немаме заеднички став како Алијанса-Алтернатива и затоа е рано било што да кажеме. Некои од нашата коалиција се За, некои се Против и поради тоа не е донесена одлука дали ќе се преговара со ВМРО-ДПМНЕ за предизборен настан на локалните избори. Многу е веројатно дека деновиве ќе седнеме да разговараме за да донесеме конечна одлука дали ќе одиме со предизборна коалиција или било каква соработка на изборите во октомври“, посочи Алијанса/Алтернатива.
Доколку и ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса-Алтернатива се договорат за заедничка соработка, практично со ова ќе се отвори фронт на две коалиции на кои главна цел им се Скопје и Тетово. Главната битка на македонскиот блок партии се освојување на Град Скопје, но и скопските општини, додека за албанскиот блок партии тоа е Тетово.