И покрај тоа што новиот бугарски премиер Кирил Петков дојде во Македонија со многу позитивна енергија и со видно изменета реторика и барања, со волја да го затвори ветото и се продолжи напред, македонската длабока држава очигледно нема намера да се има позитивно решение со Бугарија и почнаа со натпревар во измислување на нови проблеми. За жал перјаница на сите нив е г-динот Никола Димитров, пишува во реакцијата на ВМРО-Народна партија.
Од оваа партија велат дека по посетата на добра волја на поранешниот премиер и претседател на ВМРО-Народна партија г-динот Љубчо Георгиевски во Софија, пред да го стават ветото, од неколку бугарски функционери му било споментато дека главен виновник за ветото е токму г-динот Никола Димитров и прашањето за појаснувањето на краткото име во Обединетите нации.
-Впрочем бугарската страна една година го чекала Димитров да испрати нота во ОН за која дури не инсистирале јавно да биде објавена, а во која ќе се каже дека зборот Северна Македонија не се однесува на спорниот бугарски дел односно Пиринска Македонија.
Арогантното однесување на Димитров ги убедило дека токму тоа е намерата со именувањето на Северна Македонија да се направи.
Во тоа време сето ова не беше споделено со македонската јавност исклучиво поради почит кон семејството Димитрови меѓутоа вчера видовме и слушнавме како г-динот Никола Димитров тоа го претставува како свој најголем успех.
Дали човекот има разбрано дека ако ја испратеше таа нота во ОН на време дека немаше воопшто да има вето кон Македонија?! За жал веќе станува јасно зошто Македонија загуби две години поради кратковидоста на политичар полн со фрустрации од фамилијарниот бугарски комплекс.
После последните интервјуа на г-динот Димитров навистина му препорачуваме да ги прочита колумните и книгите на македонскиот висок интелектуалец Димитар Димитров, се вели во соопштението од ВМРО-Народна партија.