Во Универзитетските клиники Сен Лук во Брисел за првпат е извршена интервенција со катетер врз трилистниот залисток на срцето, јавува дописничката на МИА од Брисел.
Ова го соопштија денеска од универзитетската болница во Белгија. Лекарите успеале да заменат трилистен залисток на срцето на пациент со катетер за првпат во светот. Овој третман значи нова надеж за пациентите кои се премногу слаби и кревки за да претрпат хируршка интервенција, а не реагираат на медикаментозната терапија.
Трилистниот залисток е еден од четирите залистоци на срцето, а кога тој лошо функционира може да доведе до сериозни срцеви проблеми, и досега заболените се третираа само со хируршка интервенција или со лекови.
Интервенцијата е извршена на 22 август, јавува белгиската новинска агенција Белга, врз 84-годишна пациентка без отворање на тораксот, туку со катетер преку препоните до срцето.
Пациентката е дома, во добра состојба, соопштија од болницата.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.