На денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, обвинителката Лиле Стефанова побара на екс премиерот Никола Груевски да му се суди во отсуство, бидејќи се наоѓа во бегство.
-Ова лице има дадено свој исказ во предистражна постапка и има дадено одбрана, поради што нема никаква процесна пречка да му се суди во отсуство, рече обвинителката Стефанова.
Читајќи ги неговите лични податоци, Стефанова истакна дека Груевски официјално се води како безимотен.
Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милиони евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прикривал вистинскиот сопственик. За сиот имот што е опфатен со обвинението обвинителството бараше и конфискација, а според сумите кои ги објави обвинителство за кои биле купени или колку се проценети парцелите и становите, нивната вкупна вредност е околу 1,5 милиони евра.