Робин Госенс признава дека неговиот настап за Германија против Португалија бил незаборавен ’и овој пат, како што тврди тој, не побарал дрес од Кристијано Роналдо.
Германија славеше против Португалија со 4:2 денес во Минхен во еден од најдобрите натпревари на Европското првенство, а Госенс се запиша како стрелец и генерално обезбеди одлична игра за својата репрезентација. Покрај голот, Госенс имаше и две асистенции.
“Не знам од каде да започнам… Ова е незаборавна вечер за мене. Победивме силен тим и го постигнав својот прв гол на турнирот. Среќен сум и горд”, изјави крилниот напаѓач на Аталанта и додаде:
“Денес знаевме дека мора да победиме и дека ќе бевме во многу тешка ситуација да не го сторевме тоа. Се обидовме да дадеме се од себе и во одбраната и во нападот. Среќни сме со конечниот резултат”.
Пред неколку месеци, Госенс призна дека побарал од Роналдо да ги смени дресовите по натпреварот помеѓу Јувентус и Аталанта, но ЦР7 тогаш го одби.
Неговите соиграчи подоцна се пошегуваа со него, па во соблекувалната му донесоа нов дрес на Роналдо.
„Овој пат не го прашав за дресот, бидејќи сакам да уживам во мојата игра и нашата победа“, рече Госенс.
Ова беше негов седми натпревар за Германија за кој дебитираше минатата година, а тој се одлучи за Германија иако Холанѓаните претходно сметаа на него.
Госенс сигурно ќе стане баран во Европа сега, тој се поврзува со Јувентус и Интер и се верува дека неговата цена значително ќе се зголеми по вечерашниот натпревар.
„Само да им кажам на навивачите на Аталанта дека ги сакам и дека ќе се видиме наскоро“, рече Госенс на крајот од интервјуто за Скај.