Студијата открива дека две дози обезбедуваат 95,3 проценти заштита од инфекција и 96,7 проценти заштита од смртност, седум дена по втората доза. По 14 дена, таа заштита се зголемила на 96,5 проценти, односно на 98 проценти.
Помеѓу седум и 14 дена по првата доза, се покажало дека заштитата од инфекција е 57,7 проценти, а заштитата од смртност 77 проценти.
Најголемата студија за ефикасноста на вакцината против ковид на „Фајзер/Бионтек“ кај општата популација досега покажа дека вакцината обезбедува заштита од над 95%, а во исто време покажа дека оваа заштита значително опаѓа доколку некое лице се вакцинира само со една, наместо со препорачаните две дози.
Авторите на истражувањето од израелската национална кампања за вакцинација велат дека овие докази од реалниот живот покажуваат дека на пандемијата може да ѝ се стави крај само со брзи, глобални програми за вакцинирање.
Анализата на податоците за јавното здравје од Израел – една од земјите со најголем процент на целосно вакцинирани возрасни лица, покажа дека вакцината била исклучително ефикасна во заштитата на старите лица во време кога доминирала позаразната британска варијанта, објави специјализираното медицинско списание „Лансет“.
До почетокот на април скоро 5 милиони луѓе во Израел примиле две дози вакцина „Фајзер/Бионтек“, или повеќе од 70 проценти од населението.
Студијата открива дека две дози обезбедуваат 95,3 проценти заштита од инфекција и 96,7 проценти заштита од смртност, седум дена по втората доза. По 14 дена, таа заштита се зголемила на 96,5 проценти, односно 98 проценти.
Помала заштита по само една доза
Но, заштитата е значително помала кога луѓето примиле само една доза на вакцина.
Помеѓу седум и 14 дена по првата доза, се покажало дека заштитата од инфекција е 57,7 проценти, а заштитата од смртност 77 проценти.
Авторите на студијата посочуваат дека само една доза може да обезбеди пократок период на заштита, особено во средина каде што се појавуваат нови варијанти на вирусот.
„Важно е да се истакне, како што покажува и студијата, дека две дози на вакцината значително го зголемуваат нивото на имунитет и заштита“, вели Џонатан Бол, професор по молекуларна вирусологија на Универзитетот во Нотингем, кој не работел на студијата.
За време на истражувањето, евидентирани се 232 268 потврдени заразени со коронавурост, а британската варијанта B117 е пронајдена во скоро 95% од испитаните примероци. Регистрирани се 4 481 случаи на тешка инфекција и 1 113 смртни случаи.
Научниот тим објасни дека не може да го проучи влијанието на јужноафриканската варијанта, која исто така е идентификувана во Израел.
Претходната студија беше далеку помала
До денеска најголемата студија спроведена на општа популација за вакцината „Фајзер/Бионтек“, исто така спроведена во Израел, беше скоро пет пати помала и во неа учествуваа 1,2 милион луѓе.
Коментирајќи ја студијата, Еил Лешам од медицинскиот центар „Хаим Шеба“ и Анелис Вајлдер-Смит од Лондонското училиште за хигиена и тропска медицина напишаа дека резултатите од најновата студија сугерираат дека високата стапка на покриеност со вакцините може да понуди излез од пандемијата.
„За жал, брзото покривање на населението во Израел не може лесно да се преслика во многу други земји. Глобалната употреба на вакцините ‘Фајзер/Бионтек’ е ограничена поради проблеми со снабдувањето, големите трошоци и барањата за складирање на екстремно ниски температури“, велат двајцата експерти кои не биле дел од студијата објавена во „Лансет“.