Вака изгледа кога сонот ќе стане живот, а градот ќе се замени со природа. Јасмин, Ласа и Уран водени од пораката „ако нешто доволно силно посакувате, целиот универзум се залага жалбата да ви се исполни“, го напуштија Скопје и на Матка ја основаа нивната фарма „Матка фарм“, лоцирана на место кое е идеално за одгледување на животни.
– На фармата одгледуваме кози, кокошки и препелици и со самото тоа имаме јајца, козјо млеко од кое правиме сирење, кисело млеко, јогурт, сурутка и сапуни со козјо млеко. Периодично правиме маринирани јајца од препелици и размислуваме на нови производи, ни раскажува нашата соговорничка Јасмин.
Секако, производите што се сто отсто природни, се достапни и за продажба, а семејството е фокусирано и на брза и бесплатна достава и добар пласман.
По првиот роденден на „Матка фарм“, што беше најтешкото, најпредизвикувачкото, но и најубавото, во изминатата година?
– Кога се работи тоа што се сака, ништо не е тешко. Понекогаш непредвидливото, како снегот во зима, знае малку да ни го отежни планот (набавка на храна за животните, достава итн.), но ние тоа го гледаме како предизвик и поука за како да постапуваме во иднина. Начинот на кој живееме многумина го сметаат за тежок, но гледајќи ја Ласа како се развива опкружена со животни, природа и позитивна енергија, тоа е најубавото чувство што како родители нè прави среќни.
Како дојде одлуката да го напуштите градот, што ве „задушуваше“ во Скопје, и што најдовте токму во Матка каде што се лоциравте?
– Мојот животен сон отсекогаш бил вака да го живеам животот. Запознавајќи го Уран сфатив дека сме го сонувале истото, па пред шест години одлучивме тоа да го реализираме на Матка, која е посебна за нас и нè привлече од причина бидејќи на Уран корените оттука му потекнуваат.
Како изгледа еден Ваш ден, од утро до вечер?
– Секој ден ни е исполнет до последната минута. Рано наутро после првото кафе следува подготвување на Ласа за училиште, обврски во домот, молзење на козите, хранење, пакување, достава. Секој сончев ден го искористуваме во прошетка со козите, каде што Ласа понекогаш е во улога на малата козарка. Козите се доста енергични животни и пребирливи кога се на пасење, секојдневно поминуваат по десетици километри, па шетањето со нив е возбудливо, но знае да биде исцрпувачко. Кога ќе се заситат, се враќаат дома, па ако остане време гледам да ја искажам мојата креативност во сликарството, правење сапуни, и други ракотворби. Кога денот е при крај, и тие се спремни за сон, тогаш нам ни останува простор да се видиме, да поразговараме и да се подружиме.
Како се снаоѓа Ласа во новото животно опкружување, како таа ја прифати селидбата од градот?
– Ласа не ја доживеа како нас промената град-планина. Од двегодишна возраст израсна на Матка, така што ова не е нешто ново за неа. Од тука секојдневно оди на училиште, посетува курс по пијано, си ги завршува домашните задачи, и во слободно време покрај дружењето со животните и природата, игра онлајн-игри.
Размислувате ли за дополнување на досегашната понуда, на пример, со отворање ресторан или понуда за ноќевање на фармата?
– Секако, како и во секоја област, размислуваме за проширување, нормално во рамките на нашите можности. Не мечтаеме за нешто големо, а сепак отворање на ресторанче или преноќувалиште останува како план за понатаму.
Колку државата е расположена да ги поддржи фармерите и претприемништвото во руралните средини?
– Свесни сме за програмите и поволностите што ги нуди државата и разни фондови, има прекрасни понуди, нудат различни грантови и субвенции за реализирање на идеите во оваа област. Ние сме регистрирани како одгледувалиште и користиме само субвенции по грло, за кои сме обврзани со редовна посета на ветеринар за проверка на здравствената состојба на козите и живината и нивна вакцинација.