Стартот на трката од Европскиот куп во далечинско пливање денеска е во 11 часот пред хотелот „Романтик“ на велешкото езеро „Младост“. Пријавени се 31 пливач од кои 14 во женска и 17 во машка конкуренција од Унгарија, Шведска, Германија, Италија, Србија, Бугарија, Бразил, Косово, Шпанија, Швајцарија, Франција, Данска и од нашата држава.

Тие ќе пливаат на 10 километри, а разликата во стартот меѓу мажите и жените ќе биде 10 минути. Патеката е во должина од 1,666 км и ќе се плива 6 круга. Стартот и целта се од пред хотелот „Романтик“.

Петмина претставници на Европската пливачка федерација ЛЕН денеска ќе бидат присутни на велешко езеро „Младост“.

Натпреварите се финансиски поддржани од Општина Велес и од Националната пливачка федерација.

Велес е домаќин на оваа трка, а во истовреме исти вакви трки се одржуваат и во Барселона, Белград и уште три други града во Италија, Словачка и Израел.

За безбедноста на пливачите ќе се грижи Општинскиот Црвен крст со службата за безбедност на вода и 30-тина кајакари од велешките кајакарски клубови.