Само што стигна пролет, а повеќе од една четвртина од европскиот континент е загрозена од суша по зимата со малку дожд и снег. Затоа многу земји се подготвуваат за повторување на минатогодишното екстремно суво лето, ако не и полошо, пишува Политико.
Клучниот резервоар што ги снабдува со вода милиони Каталонци речиси пресуши. Проблемот со водата предизвика конфликти во Франција, каде неколку села повеќе не можат да ги опслужуваат своите жители со вода од чешма.
Нивото на водата на најголемата италијанска река По е веќе на нивото на минатата година.
Студијата со помош на сателитски податоци потврди претходно оваа година дека Европа страда од тешка суша од 2018 година. Зголемените температури и оневозможуваат на Европа да се опорави од тоа, па континентот е заглавен во маѓепсан круг во кој достапноста на вода е се понеизвесна.
„Пред неколку години би рекол дека имаме доволно вода во Европа. Сега се чини дека можеби ќе имаме проблеми“, вели водечкиот автор на гореспоменатата студија, Торстен Мајер-Гур.
Иако влажните временски услови во наредните недели би можеле да го обноват горниот слој на почвата и да му помогнат на земјоделството, ниту дождливата пролет не може да го поправи тековниот дефицит на подземните води во Европа, предупредуваат експертите.
Како што наближува летото, владите на европските земји се обидуваат да ги решат и сегашните и идните недостиг – а во исто време се обидуваат да ги намалат тензиите што произлегуваат од небезбедното снабдување со вода.
Сушата, рече шпанскиот премиер Педро Санчез минатата недела, „ќе биде една од централните политички и територијални дебати во нашата земја во наредните години“.