Здравите масти, зелката, брокулата, морковот, портокалот, рибата, особено лососот, интегралните житарки и пробиотиците го спречуваат воспалението на грлото и бронхиите, го зајакнуваат имунитетот и го прават нашиот организам поотпорен.
Коронавирусот е најризичен ако ги зафати долните дишни патишта, односно белите дробови. Затоа е важно, во текот на пандемијата на коронавирусот, да избирате здрава храна, да го намалите или целосно да го избегнете пушењетo и да користите и природни лекови за зајакнување на имунитетот и за детоксикација на белите дробови.
Ви претставуваме список на намирници за кои експертите истакнуваат дека го поттикнуваат здравјето на белите дробови и придонесуваат за исфрлување на токсините од дишните органи:
- Лососот, како исклучително богат извор на омега-3 масни киселини и протеини, ги ублажува воспаленијата и го стимулира производството на антитела.
- Здрави масти. На луѓето кои имаат тешкотии со дишењето им се препорачува да го намалат внесот на јаглехидрати, а да го зголемат консумирањето на здрави масти. Здравите масти се содржат во јаткастите плодови (ореви, бадеми, лешници), кои се препорачуваат за секој ден, особено оревите. Исто така, рибата содржи омега-3 масни киселини (сардина, лосос, туна).
- Намирниците што содржат витамин Д го зајакнуваат имунитетот и го чуваат здравјето на белите дробови. Докажано е дека витаминот Д го намалува ризикот од напади на астма. Храна која содржи витамин Д се јајцата, млекото, лососот и јогуртот.
- Зелката спаѓа во групата растенија кои содржат изотиоцијанати, хемиски супстанции кои го намалуваат канцерогеното дејство на смогот.
- Jаболкото е богато со антиоксиданти од семејството на флавоноиди, кои го смируваат воспалението и го стимулираат имунолошкиот систем. Според истражувањата, јаболкото и доматот ја забавуваат слабоста на белите дробови во текот на настинка и инфекции. Овие намирници се препорачуваат и за чистење на белите дробови по престанувањето на пушењето.
- Пробиотиците ја воспоставуваат бактериската рамнотежа и го стимулираат нормалното функционирање на дебелото црево, орган во кој се концентрирани дури 80 отсто од клетките на имунолошкиот систем.
- Портокалот е богат извор на витамин Ц кој ги смирува воспаленијата, ги ублажува симптомите на настинка и евентуалните оштетувања на ткивата предизвикани од инфекциите.
- Семките од сончоглед се богати со витамин Е. Овој витамин го зголемува нивото на антиоксиданти во течноста што се наоѓа во алвеолите на белите дробови.
- Кромидот содржи природна дезинфекциска супстанција алицин и е одличен сојузник во борбата против вирусните и бактериските инфекции.
- Морковот содржи бета-каротен, кој го блокира дејството на слободните радикали и со тоа спречува појава на тумори на белите дробови.
- Внесувајте селен, преку исхраната, но и преку додатоци во исхраната. Селенот е антиоксидант, им дава еластичност на ткивата и го зајакнува белодробното ткиво.
- Бразилските ореви се богати со селен и се докажана намирница која го намалува ризикот од рак на белите дробови.
- Грејпфрутот е многу корисен за белите дробови. Помага во чистењето, го намалува ризикот од заболување од потешки болести на белите дробови и може да помогне во лекувањето на бронхитис. Јадете еден до четири грејпфрута неделно за да го добиете посакуваниот ефект или цедете и пијте го сокот.
- Ѓумбирот е повеќекратно добар за вашиот организам. Зачинете го јадењето или подгответе го како чај и бидете сигурни дека ќе ви помогне да ги исчистите белите дробови од токсините. Исто така, ќе се исчистат токсините предизвикани од таложењето на лошата храна во дигестивниот тракт.
- Лутите пиперки и лутото воопшто, помагаат во разложувањето на слузта, како и помагаат при нејзиното исфрлање. Кога јадете нешто многу луто, чувствувате течење на носот. Според истиот принцип се разложува и слузта од бронхиите, која подоцна ќе ја исфрлите.
- Медот се препорачува за сите респираторни болести, бидејќи ги ослободува белите дробови од токсините и слузта. Една мала лажичка наутро може да направи многу за вашите бели дробови. Лажичка мед растворена во чаша топла вода се пие навечер, пред спиење.
- Сокот од брусница е одличен за чистење на белите дробови. Богат е со антиоксиданти, а ја раствора и слузта од белите дробови. Слично дејство има и сокот од ананас и се препорачува да ги пиете често. Пијте околу 400 мл сок од брусница дневно, а 300 мл сок од ананас.
- Куркумата е многу здрав зачин. Има и антивоспалително и антивирусно дејство, а изобилува со витамини и омега-3 киселини. Се препорачува како зачин, на врвот на лажичката, непосредно пред крајот на приготвувањето на јадењето или како чај.
- Tопла вода и лимон се пијат наутро, на празен желудник. Тоа помага во разложувањето на секретите во белите дробови и во нивното исфрлање. Исцедете два лимона во чаша топла вода, па испијте.
За оптимално здравје на белите дробови, погрижете се да пиете многу вода, бидејќи белите дробови користат вода за да ги исчистат дишните патишта. Белите дробови содржат 80 отсто вода, па дури и благата дехидратација може значително да влијае на нивната функција.