На денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно”, обвинителката Лиле Стефанова, продолжи со презентација на материјални докази.
Меѓу нив беа презентирани и ревизорски извештаи од Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансирањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2012 година. Како што потенцираше обвинителката, овие докази се изведуваат на околноста за да се види кој паричен износ ВМРО-ДПМНЕ го прикажувала како донации.
Обвинителката потенцираше дека за неа од овие докази е важна разликата меѓу приходите и расходите на партијата, кои ќе ги коментира во завршен збор.
Според обвинението пак, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.
Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница.
Но, Груевски не платил во кеш или од лична сметка, туку според обвинителството, за да го скрие потеклото на парите, побарал од неговиот кум Ристо Новачевски, кој веќе имал регистрирана офшор-фирма во Белизе, жиро-сметката да му биде на располагање.
Па затоа, летото 2012 година била основана фирма-ќерка во Скопје, „Сирах инженеринг“, а на сметката во неколку наврати легнале парите на Груевски, стекнати преку донации за партијата. Со нив, пак, потоа биле исплатени две парцели, со вкупна големина од 11.000 квадратни метри.
Адвокатот на Сашо Мијалков, Петар Василев, па се заблагодари на обвинителката што ги извела овие докази бидејќи од нив се гледало дека Мијалков немал никаква врска со финансирањето на партијата.
Ви овој случај покрај Груевски и Мијалков, обвинети се и кумот на Груевски, Ристо Новачевски, бизнисменот Орце Камчев, мајка му Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.