Околу 40 полицајци се повредени во судир со учесниците на денешниот протест на претприемачи во Киев, кои се обидоа да постават камп со шатори во центарот на градот.

Повеќето полицајци се здобиле со изгореници на очите, а еден од нив ја изгубил свеста како резултат на удар во главата, соопшти полицијата.

Во моментов нема извештаи за повредени меѓу демонстрантите.

Претставниците на бизнисот во Украина денеска ги продолжија своите протести во владиниот кварт во Киев. Тие бараат укинување на деловните ограничувања воведени во врска со карантинот и повлекување на одлуката за воведување фискални каси.

За време на митингот, демонстрантите се обидоа да постават камп со шатори, но полицијата заплени неколку шатори, што доведе до судири, јави ТАСС. Демонстрантите употребија чадни бомби, кои ги фрлија кон полицијата.

Полицијата презема превентивни мерки за воспоставување ред. Сепак, имаше периодични вербални препукувања меѓу граѓаните и полициските службеници, соопшти полицијата.

Тие предупредија дека полицијата, во рамките на своите овластувања, веднаш ќе реагира на какво било незаконско постапување. Патролната полиција соопшти дека во врска со масовниот собир, сообраќајот во центарот на Киев е ограничен. (МИА)