1574 – Избила верската војна меѓу француските католици и протестанти (хугеноти) – петта по ред. Протестантските војни ја потресувале Франција се до 18. век. Католичката црква престанала да биде носител на верскиот ексклузивитет во Франција дури по револуцијата во 1789 година.
1685 – Во Хале е роден Георг Фридрих Хендл, германски композитор. Неговиот творечки опус е мошне богат: 40 опери, меѓу кои „Риналдо“, „Јулиј Цезар“, 22 ораториуми, од кои позначајни се „Месија“, „Израел во Египет“, „Самсон“, како и голем број оркестарски, камерни и клавирски дела. Умрел во Лондон, на 14 април 1759 година.
1792 – Умрел англискиот сликар Џошуа Рејнолдс, еден од најголемите светски портретисти, основач на Кралската уметничка академија во 1768 година и нејзин прв претседател. Силно влијаел врз англиското сликарство, не само на сликарски план туку и како автор на интересни расправи за сликарството.
1821 – Умрел англискиот писател Џон Китс, еден од најголемите поети во англиската книжевност, чии стихови се одликуваат со исклучителна мелодичност и голем изразен идиом. Неговите сонети, епот „Ендимион“, песните „Ода на славата“, „Ода на есента“ се меѓу најголемите поетски дела напишани на англиски јазик, а „Писма“ се значаен прилог за развојот на естетската теорија.
1836 – Околу 4.000 војници под команда на претседателот на Мексико Антонио Лопес де Санта Ана ја почнале опсадата на крепоста Аламо во Тексас која ја бранеле помалку од 200 доброволци, вклучувајќи го знаменитиот Дејви Крокет. Аламо паднал на 6 март 1836 година, а со него настрадале и сите бранители.
1855 – Во Гетинген умрел Карл Фридрих Гаус, германски математичар, астроном и физичар, еден од најголемите математичари на своето време, основач на прочуената математичка школа и директор на астрономската опсерваторија во Гетинген. Докажал некои фундаментални поставки во алгебрата, поставувајќи ги основите на современата теорија на броевите. Отворил нова етапа во развојот на диференцијалната геометрија и поставил нови темели на небесната механика, а со тоа и на современата астрономија. Роден бил во Брауншвајг, на 30 април 1777 година.
1866 – Абдицирал кнезот Александар Куза, творецoт на романската држава (обединител на Влашка и Молдавија). Власта ја отстапил под притисок на романската аристократија, незадоволна од трендот на демокртизацијата на земјата. На престолот бил поставен принцот од пруското кралско семејство Хоенцолерн под името Карол Први.
1883 – Роден е германскиот филозоф Карл Теодор Јасперс, творец на егсистенцијалната филозофија. По завршувањето медицина работел на Психијатриската клиника во Хајделберг, а потоа бил професор по филозофија до 1937 година кога бил отпуштен од нацистите. Објавил 25 книги од областа на психијатријата и филозофијата. Дела: „Општа психопатологија“, „Психологија на погледот на светот“, „Филозофија“, „Ум и егзистенција“, „За вистината“, „Филозофска вера“.
1883 – Роден е американскиот филмски режисер Виктор Флемиг. Ги режирал филмовите „Однесено со виорот“, „Тортиља Флат“ и „Јованка Орлеанка“.
1905 – Американскиот адвокат Пол Перси Харис во Чикаго го основал Ротари клубот.
1915 – Во Охрид е роден Борис Бојаџиски, македонски раскажувач, новинар и публицист. Автор е на пиесите за деца „Дадовме збор“, „Милка“, „Дедо Мраз и кај нас“, на збирките раскази за деца „Првите цутови“ и „Чекори што не можеа да запрат“, како и на монографијата за народниот херој Орце Николов. Умрел во Охрид, на 9 мај 1959 година.
1919 – Бенито Мусолини ја напушти Социјалистиката партија и ја основа партијата под името „Fasci del Combattimento“ (Борбени одреди), попозната како партија на фашистите.
1931 – Умре австриската пејачка Нели Мелба, една од најголемите оперски сопрани на крајот од 19. и почетокот на 20. век. Со голем успех со децении настапуваше во речиси сите најголеми оперски куќи во светот.
1933 – Јапонија ја почна окупацијата на Кина, северно од големиот Кинески ѕид.
1934 – Умре англискиот композитор и виолинист Едвард Вилијам Елгар. Дела: ораториум „Геронтијусовиот сон“, концертните увертири „На југот“, „Енигма на варијациите“, „Фалстаф“, две симфонии, концерти за виолина и виолончело.
1937 – Во селото Луковдол, Струшко, е роден Рајко Јовчевски, македонски писател за деца, преведувач и новинар. Негова прва објавена книга е „Еден малечок свет“ (поезија, 1967). Пишуваше и раскази и романи. Умре во Скопје, на 19 јуни 2001 година.
1938 – Откриени се првите наоѓалишта на нафта во Кувајт (тогаш британски протекторат).
1943 – Изведена е најголемата сојузничка воздушна офанзива од почетокот на Втората светска војна. Околу шест илјади авиони нападнаа многу сообраќајни центри во Германија, од Хамбург и Хановер на запад до Берлин и Лајпциг на север. Притоа, на простор од околу 80.000 км беа исфлени 14.000 бомби од по 250 килограми.
1945 – Американските трупи го зазедоа главниот град на Филипини, Манила, и им нанесоа тежок пораз на Јапонците. Генералот Макартур, кој командуваше со американската Осма армија, имаше посебни причини за да им се одмаздува на Јапонците. Тој три години порано, се повлече пред јапонската наезда.
1959 – Меѓународниот суд за човекови права го отвори првото заседание во Стразбур.
1965 – Уме англискиот филмски глумец Стен Лорел (слабиот) од тандемот со американскиот глумец Оливер Харди (дебелиот). Филмските продуценти и сега го собираат профитот од нивните филмови, додека и двајцата завршија во болниците за сиромашни. Филмови: „Музичка кутија“, „Наши односи“, „На дивиот запад“, „Двајца добри другари“, „Ние од Оксфорд“, „Голема работа“, „Наша жена“.
1967 – Во Скопје, Републичкиот и Просветно-културниот собор на Собранието на СР Македонија донесоа Закон за Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Академијата свечено е отворена на 10 октомври 1967 година. Прв претседател на МАНУ беше Блаже Конески.
1970 – Британска Гвајана стекна независност.
1972 – Во Лондон умре Џон Грирсон, англиски режисер и филмски продуцент, еден од пионерите на светскиот документарен филм. Роден е во 1898 година.
1979 – Почина актерот Ќемал Ајдини, еден од доајените на Албанската драма при Театарот на народностите во Скопје. На сцената на овој театар одигра над 70 улоги, меѓу кои останаа запаметени оние во “Сонот на летната ноќ” од Шекспир, “Свадба” од Гогољ, “Вујко Вања” од Чехов, “Блудница достојна за почит” од Сартр, “Госпоѓа министерка” од Нушиќ, “А што сега Керон?” од Муртеза Пеза, “Големата вода” од Живко Чинго и многу други. Играше и во неколку домашни играни и телевизиски филмови, меѓу кои во “До победата и по неа” и “Ветерот и дабот”. Театарот во неговиот роден град Дебар во негова чест го носи името Ќемал Ајдини. Роден е во 1935 година.
1990 – По 11 години во бегство, во Камбоџа се врати принцот Нород Сиханук.
1991 – Во Тајланд со пуч без крвопролевање власта ја презеде воената хунта која ја собори владата на Чатича Чунавана.
1994 – На падините на Шар Планина, во близина на Тетово, беа предадени во редовно производство четири мали хидроцентрали на водоснабдително-енергетскиот систем “Попова Шапка”.
1998 – Шефовите на дипломатиите на Европската унија ја укинаа забраната за официјални контакти со Иран на високо ниво.
1999 – Умре Ристо Стиков, македонски новинар. Роден е во 1943 година.
2001 – Во Скопје, претседателите на Република Македонија и на СР Југославија, Борис Трајковски и Воислав Коштуница, го потпишаа Договорот за обележување на границата меѓу Република Македонија и СР Југославија.
2002 – Филаделфиската (римокатоличка) надбискупија расчини неколку свештеници поради сексуално злоставување на деца.
2006 – Во Златната џамија од 17 век, во Самара, едно од најголемите светилишта на шиитите на Ирак, подметната била бомба која тешко го оштетила храмот и ја разорила неговата златна купола. Во знак на одмазда за 48 часа биле убиени околу 130 сунити, а биле запалени 170 сунтиски џамии. Настрадале дури 379, а повредени биле 458 лица.
2007 – Најмалку 27 лица настрадаа во пожар кој го зафати центарот за стари и хендикепирани лица во градот Алсунга во западниот дел на Летонија. Пожарникарите успеаја да спасат 66 лица. Пожарот го предизвика дефект на електричната инсталација.
2008 – Турскиот претседател Абдулах Ѓул потпишал закон со кој се укинува забраната за носење шамии на студентките на
турските универзитети.
2013 – По долго боледување почина актерот Бранко Ѓорчев, директор на Драмскиот театар – Скопје. Ѓорчев е роден 1962 година во Неготино, во 1986 година дипломирал на Факултет за драмски уметности, во класата на проф. Вукан Диневски. Од 1987 година работи како актер во Драмски театар – Скопје. Има остварено голем број главни и споредни улоги, во матичниот театар и во сите театарски институции во државата. Во 2006 година беше избран за директор на Националната установа Драмски театар, а во 2010 реизбран на функцијата. Добитник е на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2012 година, за долгогодишни остварувања во културата.